Јавното обвинителство на РСМ денес испрати претставка до Адвокатската комора на РСМ и претседателот Љубомир Михајловски поради неетички јавен настап на адвокатот Мустафа Хајрулахи во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа.
„Почитуван Претседател на Адвокатската комора на Република Северна Македонија,Јавното обвинителство на Република Северна Македонија најостро реагира на неетичкиот и непрофесионален јавен настап на адвокатот Мустафа Хајрулахи во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа од 14.01.2026 година“, стои во поднесената претставка.
„Ви укажуваме дека во споменатата емисија од страна на лице кое извршува функција адвокат беа изречени бројни клевети, лични навреди и невистини за одредени јавни обвинители, како и за состојбите во Јавното обвинителство, а со тоа е нанесена штета на угледот на јавнообвинителската институција во целина“, се вели понатаму.
Во претставката е нагласено дека Јавното обвинителство во целост ги отфрла ваквите неосновани напади, кои претставуваат обид за лична дискредитација и директно нарушување на уставно и законски гарантираната самостојност на јавните обвинители и на обвинителството. Дополнително ваквиот јавен настап е спротивен на општиот принцип број 5 од Кодексот за професионална етика на адвокатите кој им забранува на адвокатите да се рекламираат и да бараат личен публицитет на недостоен начин, што вклучува и изнесување невистини и навреди на лична основа кон професионалци и кон други државни органи.
„Ваквите напади и обиди за дискредитација се спротивни и на општиот принцип број 1 од Кодексот за професионална етика на адвокатите со кој адвокатот не смее да дозволи неговите лични интереси да влијаат врз неговата независност. Затоа бараме Адвокатската комора на Република Северна Македонија да преземе мерки во рамките на своите надлежности, да се огради и да го повика на одговорност адвокатот Мустафа Хајрулахи, и со тоа да го заштити угледот на Јавното обвинителство, но и на адвокатурата од неговите неетички јавни настапи“, пишуваат од обвинителството во преставката.
