fbpx

Јавното обвинителство и МВР потпишаа протокол за соработка

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со посредство на Мисијата на ОБСЕ во Скопје потпишаа Протокол за соработка со кој се уредуваат клучни области на заедничкото постапување на двете институции

-

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со посредство на Мисијата на ОБСЕ во Скопје потпишаа Протокол за соработка со кој се уредуваат клучни области на заедничкото постапување на двете институции.

Протоколот е изготвен на иницијатива на Здружението на јавните обвинители, а со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Според Јовески, потребно е дополнително да се динамизира работатата и да се усогласи постапувањето на Обвинителството и на МВР во сите сегменти.

„Граѓаните од нас очекуваат да соработуваме и да им испорачаме ефикасна правда. Само обединети на фронтот против сторителите на кривични дела можеме да постигнеме резултати со кои ќе ја вратиме довербата на јавноста во институциите на системот“, рече тој.

Јовески потенцираше дека последниот Закон за кривична постапка во целост ја промени улогата на јавниот обвинител во предистражната и истражната постапка. Сега во негова надлежност е координацијата на сите истражни дејствија и на сите делови од правосудната полиција, вклучително и на припадниците на Министерството за внатрешни работи, а со цел да се овозможи ефикасна и брза истрага и прибирање на сите докази неопходни за кривичен прогон, потенцираше Јовески.

Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје рече дека важноста на протоколот не може да се потцени и дека ќе ги забрза истрагите.

„Тој ќе им помогне на полицијата и на обвинителството подобро да ги идентификуваат и истражат кривичните дела и успешно да ги гонат прекршителите во согласност со националните закони и меѓународните договори. Покрај тоа, ќе ги забрза истрагите, што ќе ја зголеми ефикасноста на борбата против криминалот во оваа земја“, рече Вал.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, појасни дека за ефективна борба против криминалот потребни се закони кои нема да нарушуваат истрагите.

„Нашата заедничка цел е успешно откривање, докажување и спречување на кривични дела и запирање на сторителите. Целта на Протоколот што го потпишавме денес е да ни помогне поефективно да ги спроведуваме кривичните постапки, земајќи ја предвид заштитата на правата на жртвите, осомничените и сторителите, во координација со националното законодавство и потпишаните меѓународни договори“, рече Спасовски.

За подготовката на овој документ беше формирана работна група од претставници на Јавното обвинителство и на Министерството за внатрешни работи. Двете институции, во текот на овој процес, дополнително усогласија и дефинираа повеќе аспекти на меѓусебната координација во клучни области кои се одразуваат на ефикасноста во постапувањето, појасни претседателот на Здружението на јавните обвинители Елвин Вели.

„Протоколот предвидува дека двете институции во иднина ќе формираат Комисија со задача да ја следи имплементацијата на овој документ, да решава тековни проблеми при неговото спроведување, да предлага измени и дополнувања на Протоколот. На тој начин веќе е предвиден механизам со кој овој документ практично ќе се надградува и унапредува онака како што ќе налагаат потребите на зајакнувањето на соработката меѓу двете институции“, рече Вели.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деградиран рускиот свештеник што ја водеше комеморацијата на Навални

Рускиот свештеник кој ја предводеше комеморацијата на опозицискиот лидер Алексеј Навални е деградиран од водечките црковни служби и му е наредено да отслужи тригодишно „покајание“, пренесе Гардијан. Свештеникот Дмитриј Сафронов...