Image by Jens P. Raak from Pixabay

Повеќе од скромни се искуствата во Република Северна Македонија со изградбата на големи проекти по принципот на јавно-приватно партнерство (ЈПП). Во изминатите години има три остварени, но неуспешни проекти. Тоа се оној за скопската депонија „Дрисла“, охридската единица за водовод „Проаква“ и комплексот „Македонско село“. Само како идеја, без почеток, останаа обидите за ЈПП за „Драмскиот театар“ и скопскиот „Луна парк“. Притоа, проектот за „Дрисла“ не успеа поради нетранспарентност на постапката и избор на оператор со неквалитетна понуда, меѓународниот тендер за „Проаква“ се покажа како економски неиздржан, додека „Македонско село“ беше „лоша прогноза“ за ЈПП, поради предимензионираната студија која не можеше да се реализира до крај.

Од друга страна, успешни приказни од ЈПП досега се охридскиот и скопскиот аеродром, изградбата на малите хидроцентрали, повеќе успешни проекти за улично осветлување на општини и на јавни згради и посебната економска зона во Тетово. Од донесувањето на Закон за концесии и ЈПП во 2012 година, досега се реализирани само 29 проекти со ЈПП, најголем дел на општинско ниво.

Ова беше посочено на вчерашната дискусија во рамки на обуката: „Улогата на медиумите, стопанските комори, бизнис здруженијата и граѓанските организации во информирање на јавноста за ЈПП (дел од проект на Светска банка за Зајакнување на регулаторната рамка и политиките за ЈПП, финансиран од Британската Амбасада).

Според Фатмире Хоџа, државен советник во Министерството за економија, една од главните причини за слабата практика на ЈПП во земјава се низата недоречености во постоечкиот Закон за концесии и ЈПП. Токму затоа, се подготвија законски измени кои се очекува да се донесат кон крајот март годинава.

„Се менува речиси 30 отсто од Законот за концесии и ЈПП. Целта е да се создаде поволна клима за ЈПП, да има недискриминирачки пристап за сите економски оператори, и домашни и странски, и фер правила. Во идните процеси на ЈПП, од почетокот до крајот, ќе бидат вклучени Владата, Министерството за економија, Министерството за финансии, локалната самоуправа и други надлежни институции. Централниот надзор на целата постапка, од почеток до крај, како и крајната одлука дали ќе биде ЈПП економски издржано или не, ќе ја имаат министерствата за економија и за финансии“, рече Хоџа.

Зоран Мартиновски, финансиски советник за проекти од ЈПП, посочи дека не сите проекти за ЈПП се добри и претходно е потребно да се направи селективност за економската оправданост и за бенефитот за граѓаните.

„Многу проекти за ЈПП во земјава пропаднале затоа што не се направила добра анализа, дали е тој оправдан. Не треба да се брза, потребна е издржана студија. Лошо подготвени проекти, недоволна транспарентност на постапките, малиот број на искусни компании во оваа област, големите трошоци за подготовка на документацијата, неизвесноста дали таа ќе му донесе профит на инвеститорот, се причини за неуспешни обиди за ЈПП“, рече Мартиновски, кој посочи пример со неуспешни обиди за изградба на патишта со ЈПП, кои се оцениле како неисплатливи поради проценета мала френквенција на возила.

Инаку, во ЈПП, приватниот партнер проектира, гради, спроведува и финансира одреден проект, додека јавниот партнер се фокусира на управувањето со јавниот интерес, преку следење на реализирањето на договорот. Најчесто, договорите се склучуваат во рок од 25 до 30 години. Првичните трошоци на проектот се на товар на приватниот инвеститор кој може да остварува профит од корисниците (на пример, патарини, транзитни такси) или да добива фиксни месечни исплати од власта, како партнер. Рокот на договорот секогаш треба да биде доволно долг за приватниот партнер да има мотивација за финансирање и да одржува квалитетна услуга, во замена за остварување добивка.