Јавните набавки во 2023 година достигнале рекордно висока вредност и рекордно ниска конкуренција во последните 10 години. Склучени се договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, што е 35 % повеќе од претходната година покажуваат анализите на Центарот за граѓански комуникации.
Според мониторингот на јавни набавки, Просечниот број понуди по тендер изнесувал 2,7. Во една третина од тендерите е добиена само по една понуда. Отсуството на конкуренција е последица на фаворизирачки тендерски документации и загубена доверба на бизнис-секторот во фер натпревар на набавките.
41% од лицата за јавни набавки по државните институции сметаат дека во набавките често има корупција. Најголем дел од нив велат дека најприсутна е корупцијата како последица на политичките интереси, и дека поголем генератор на корупција се фирмите отколку луѓето во институциите.
И 51 % од фирмите што учествуваат во јавните набавки сметаат во набавките има корупција, а со неа лично се соочиле 23 % од компаниите вклучени во истражувањето.
Индексот на рационалност открива големи разлики во цените по коишто институциите купуваат исти производи и услуги. Така, на пример, исти лиценци за компјутерски софтвер се купувани по цени од 6.185 до 23.100 денари.
Базата на податоци за јавните набавки на општините, пак, открива дека во 2023 година, општините за набавки потрошиле 40 % повеќе пари од претходната година и дека само десет фирми добиле 25 % од вредноста на сите тендери.