Јавниот превоз во Скопје лани со само 30 милиони патници, ќе почекаме на 250-те нови автобуси [инфографик]

Фото: Архива на Мета.мк

ЈСП-Скопје и приватните автобуски превозници во 2021 година превезле вкупно 29.797.130 патници. Бројот на патници е зголемен за повеќе од 2 милиони во однос на 2020 година, но сепак бројката лани е речиси двојно помала во споредба со користењето на јавниот превоз од граѓаните пред појавата на ковид-19 пандемијата. Колку за потсетување, во 2019 година градско-приградските линии во Скопје ги користеа над 57,2 милиони патници.

И покрај ваквата состојба со опаѓање на бројот на патници, ветувањето на скопската градоначалничка Данела Арсовска за набавка на 250 еколошки автобуси годинава нема да започне да се реализира. Во 2022 година нема да започне тендерска постапка за набавка на ветените автобуси во предизборието, бидејќи во скопскиот градски буџет не се предвидени средства за оваа намена, ниту пак Град Скопје ќе земе кредит, пишува порталот СДК.МК.

На барање на Мета.мк, ЈСП-Скопје ни испратија податоци за бројот на граѓани што го користеле скопскиот јавен превоз во 2021 година. Па така, со автобусите на ЈСП лани биле превезени 23.135.530 патници. Дополнително, приватниот превозник „Слобода превоз“ имал над 3,9 милиони патници, додека „Мак-експрес“ во 2021 година превезол над 2,7 милиони патници. Ваквите бројки покажуваат дека ЈСП-Скопје лани имал удел од 77,6 отсто во вкупниот број на превезени патници во јавниот превоз.

Ланските податоци ги потврдуваат и бројките од 2020 година, кои покажуваат дека интересот за користење на јавниот превоз во Скопје е драстично опаднат. На прашањата кои Мета.мк ги упати кон ЈСП-Скопје во однос на мерките кои ќе се преземат годинава за да се зголеми користењето на јавниот превоз во Скопје, од претпријатието велат дека се вратени во функција ноќните линии што беа во прекин од почетокот на пандемијата, продолжени се трасите на неколку автобуски линии, а воведени се и неколку пробни линии до населени места во Скопје кои немаа пристап до јавен превоз.

Од ЈСП-Скопје за Мета.мк информираат дека раст на бројот на патници очекуваат од најавеното воведување на дневниот билет, кој наскоро ќе може да го користат граѓаните. Исто така, вратен е повторно вообичаениот возен ред на градско-приградските линии, којшто беше редуциран минатата година.

„Сега, секојдневно во сообраќај се вклучени 260-280 возила, односно во споредба со истиот период лани, јавниот превоз го опслужуваат речиси двојно поголем број на возила“, велат од ЈСП-Скопје.

Со сите овие мерки, очекувањата на ЈСП се дека годинава ќе има значително поголем број на граѓани кои ќе ги користат градско-приградските линии. Тие додаваат дека интервалот на пристигнување и заминување на автобусите е скратен, па така со позачестените сообраќања поголем број на граѓани ќе се одлучат да користат јавен превоз.

Инаку, годинава се очекува да отпочне фазното воведување на бесплатниот јавен превоз во Скопје. Скопската градоначалничка Данела Арсовска на 17 декември минатата година вети дека граѓаните ќе можат да се возат со линиите без да платат за две години. На прес-конференција таа најави фазно воведување, и тоа најпрво за оние категории на граѓани кои користеа бесплатен јавен превоз пред ковид-19 пандемијата. Дел од граѓаните и опозициската партија СДСМ ја критикуваа Арсовска дека ветила, но не исполнила воведување на бесплатен јавен превоз во првите 82 дена од нејзиното раководење со Град Скопје.

Мета.мк минатиот месец пишуваше дека на бесплатен јавен превоз чекаат и граѓаните од соседните градови Куманово, Велес и Тетово, кои секојдневно користат воз или автобус за да патуваат до Скопје по работа или на школување. Тие во моментов плаќаат месечни билети и за меѓуградскиот превоз и за скопскиот јавен превоз, што пак доведува до намалување на нивниот интерес за патување со линискиот превоз и пораст на употребата на дивите таксисти или автомобилите.

Исто така, Мета.мк пишуваше дека од година во година опаѓа просечната брзина на движење на автобусите од скопскиот јавен превоз. Како резултат на сообраќајниот метеж, автобусите се движат поспоро, што пак доведува до зголемување на времетраењето на патување со јавен превоз во Скопје. Проектот за воведување на брзиот автобуски превоз – БРТ Скопје беше отфрлен за реализација од актуелната градоначалничка, бидејќи како што рече таа, бил на штета за Градот Скопје.