Јавна трибина: „Напуштените кучиња – закана за дивиот свет“ во МКЦ

Фото. Македонско еколошко друштво (МЕД)

Трибина на која ќе се говори за заканата за дивиот свет што ја предизвикуваат напуштените кучиња во руралните средини ќе се одржи на 29 август, понеделник со почеток во 9:30 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ), во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).

„Често гледаме оставени кучиња на планински превои како Ѓавато, Буково, Маврово и Попова Шапка. А теренските истражувања со фотозамки ни откриваат и кучиња длабоко во шумите. Ова се должи на неодговорноста на сопствениците, но и на недостигот на системи за заловување и згрижување на бездомните животни“, со загриженост објаснуваат еколозите.

Според нивните сознанија поради оваа појава, често доаѓа до нивно мешање во природниот екосистем, што претставува повеќекратна закана за дивиот свет.

„Прво, прегладнети, ваквите кучиња почнуваат да ловат и диви животни. Второ, тие неретко мршојадат од пленот на шумските предатори, како што е рисот, и со тоа вршат дополнителен притисок врз опстанокот на ова критично загрозено животно. Трето, кучињата хибридизираат со волци и така го ослабнуваат неговиот генетски интегритет, со што се нарушува природната рамнотежа меѓу дивиот свет“, велат од МЕД.

Мета.мк уште кон крајот на минатата година се осврна на оваа искчучително важна горлива тема која и не е така актуелна во јавноста. Тогаш, Александар Павлов од МЕД изјави дека освен етичката димензија за состојбата на уличните животни, неконтролираната состојба со улични животни влијае погубно врз дивиот свет.

„Ова особено е очигледно во руралните предели, каде бездомни кучиња напаѓаат и убиваат диви животни, а честопати постои и хибридизирање со волци. Ова му наштетува на генетскиот интегритет на волкот. За жал, прашањето за уличните животни главно се става во една урбана рамка, а притоа се занемаруваат ефектите во руралните подрачја, каде дивиот свет е многу позасегнат“, рече Павлов.

Животните имаат права само на хартија, активистите финансиски и психички исцрпени, но не се откажуваат