На 10 октомври годинава, Судскиот совет донел дисциплинска мерка – јавен укор за судијата Јованка Спировска Панева, со која се потврди дека таа незаконски ѝ забранила на јавноста да го следи соочувањето на рочиштето помеѓу бизнисменот Кочо Анѓушев и новинарката Сашка Цветковска за случајот „Фероинвест против медиумот ИРЛ“, постапка со која новинарите беа спречени да ги информираат граѓаните за овој судски процес.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска одржа прес-конференција на која јавно ја презентираше одлуката на Судскиот совет и за која велат дека претставува важен чекор за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија.

Во одлуката на Судскиот совет јасно е наведено дека, „исклучувањето на јавноста за време на судските рочишта претставува груба повреда на транспарентноста и правото на информирање, што е од суштинска важност за слободата на медиумите.“

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски истакна дека со постапката на судијката за отстранување на новинарите од судница директно се напаѓа медиумската слобода, причина заради која одлуката на Судскиот совет е позитивен пример за заштита на слободата на изразување.

„Оваа постапка на судијата Спировска Панева се смета за сериозна професионална грешка и директен напад врз медиумските слободи во спротивност со Законот за парнична постапка. Токму затоа одлуката претставува пресвртница за медиумската заедница. Со ова се испраќа јасна порака дека слободата на информирање мора да биде заштитена. Истовремено, ова е чекор кон гарантирањето на транспарентноста на судските постапки и дека законите мора да се почитуваат од сите судии“, рече Секуловски.

На 19 октомври минатата година, ЗНМ поднесе претставка до Судскиот Совет, барајќи одговорност од судијката Спировска Панева поради исклучувањето на јавноста од рочиштето од горенаведениот случај, како и поведување на дисциплинска постапка.

Случајот се однесува на сторијата „Заговор против воздухот“, објавена на 24 октомври 2023 година од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).

Реакциите по овој случај доведоа до протести од страна на новинарите и медиумските работници, кои јавно го изразија својот револт против неправдите.