Јасна и Гласна со порака жените да се вклучат во носењето одлуки во општините

Фото: Принтскрин Јутјуб - Национален совет за родова еднаквост

Недоволното учество на жените во одлучувачките процеси на локално ниво сè уште претставува отворено прашање и горлив проблем во нашето општество. Токму затоа, Националниот совет за родова рамноправност (НСРР) во партнерство со АГОРА – Центар за промоција на граѓански вредности преку кампањата „Биди јасна и гласна“ се стремат да ги мотивираат жените да се препознаат себеси како одлучувачки фактор и граѓанска сила во единиците на локалната самоуправа.

Преку новото видео кое се промовираше денеска, жените може да се информираат како да учествуваат во локалните иницијативи и во нивното спроведување, како и да ја подигнат нивната свест и заинтересираност за учество во креирањето на јавните политики на локално ниво. Јасна и Гласна зборуваат за формите на непосредно граѓанско здружување, преку кои жените можат здружено да влијаат на работењето на општината, согласно буџетскиот календар.

„Жените треба да ги осознаат проблемите и потребите во своите локални заедници, да лобираат и да остварат квалитетна комуникација со општините, како клучни чинители во општествениот живот на локално ниво“, апелираат од АГОРА.

Од таму нагласуваат и дека само со организирано женско делување, ќе се урнат стереотипите на недоволното вреднување на жените во политичките процеси и текови на локално ниво, а особено за местото и улогата на жената во руралните средини.