Ако треба да се даде општа оценка или пресек на ситуацијата за демократските институции, владеење на правото, борбата со корупција, слободата на говор и медиумите во Р.С.Македонија за периодот кој беше предмет на нашето истражување во рамки на овој проект, општата оценка би била дека сме во скромна позитива во однос на претходниот период, ова го истакна извршниот директор на Фондација Метаморфозис, Бардил Јашари на денешното излагање на конференцијата „Западен Балкан и ЕУ: демократска консолидација преку исполнување на политичките критериуми“ која ја организираат Центарот за демократска транзиција – ЦДТ заедно со Собранието на Црна Гора, под покровителство на Balkan Trust for Democracy и Norwegian Embassy in Belgrade.

„Во принцип, овој скромен напредок го сметам за еден вид стагнација, односно застој, особено затоа што нашата земја се подготвува за влез во Европската Унија. Сепак, ова може биде резултат на тоа што земјата направи еден голем чекор особено откако се промени авторитарната власт во земјата која владееше неколку години. Во споредба со тој напредок и големите очекувања, постигнат е мал напредок“ истакна Јашари на конференцијата, кој зборуваше за наодите за исполнувањето на политичките критериуми за влез во ЕУ од страна на Северна Македонија.

Како што појасни тој, за волја на вистината, започнати се скоро реформи во сите области, а државата има стратегии и планови, освен во медиумите. Државата сè уште ја нема усвоено стратегијата за медиуми и развојот на медиумскиот сектор, иако се направени клучни промени во Законот, истакна Јашари. Исто така, додаде дека во областа на медиумите остануваат неспроведени реформите во јавниот радиодифузен сектор и во регулаторната комисија за aудио и аудиовизуелни медиумски услуги, иако законските услови се исполнети уште кон крајот 2018 и почетокот на 2019 година.

„Во некои области имаме застој, во други пак, незадоволувачки промени. Напредок има во подобрување на законодавството, конкретно во правосудството, но сето тоа е без видливи резултати коишто би влијаеле врз целокупната ситуација во земјата“ рече Јашари, додавајќи дека ако треба да нагласи едно подрачје каде напредокот е највидлив, согласно перцепциите на јавноста и незадоволството како невладин сектор, анализите сепак покажуваат дека најмногу реформи се направени во правосудството.

„Усвоени се скоро сите релевантни закони; новиот Закон за судски совет, Законот за судски обвинители, за АКМИС ИТ системот, за академијата за судиите итн. Сепак останува негативната перцепција кај граѓаните, бидејќи голем дел од реформите се однесуваат на промена и донесување на закони, но не и на нивна имплементација која и натаму заостанува“ истакна Јашари.

Како што заклучи тој, генерално напредуваме како држава, но напредокот е многу спор. Невладините организации и граѓаните заслужуваат и очекуваат многу повеќе бидејќи сите сакаат да го забележат напредокот, а не тоа да биде ситуација таканаречена „box ticking“, заклучи директорот на Фондација Метаморфозис, Бардил Јашари.