Амбасадата на Јапонија, Музејот на современата уметност – Скопје и Јапонската фондација ја претставуваат патувачката изложба „Изградена средина: Алтернативен водич низ Јапонија“, која на посетителите им нуди поинаква перспектива кон јапонската архитектура, дизајн и односот меѓу човекот и природата.

Изложбата ја прикажува Јапонија преку нејзината изградена средина – од архитектонски објекти и инженерски градби до пејзажи и други дела создадени низ сите префектури на земјата. Преку фотографии, текстови и видеоматеријали, посетителите можат да откријат како јапонското општество се приспособувало на предизвиците што ги носи природата.

Јапонскиот архипелаг се протега од снежниот север до суптропскиот југ и се соочува со чести земјотреси, вулкани, цунами и сезонски бури. Токму овие услови создале култура на отпорност и адаптација, што се отсликува во архитектурата и начинот на кој се обликува просторот за живеење.

„Изградена средина: Алтернативен водич низ Јапонија“ претставува 80 примери на објекти, инфраструктурни решенија, пејзажи и други дела, со кои се истражува начинот на кој Јапонците низ историјата граделе, се приспособувале и го зачувувале локалниот идентитет во постојан дијалог со природната средина.

На изложбата се претставени и дела на некои од најзначајните имиња во современата архитектура, меѓу кои се добитниците на Прицкеровата награда Шигеру Бан и Арата Изозаки, како и Кенго Кума, Јошио Танигучи, Тадао Андо и Кензо Танге – архитекти чии творби имаат значително влијание врз светската архитектонска сцена.

Осумдесетте проекти се поставени на структури инспирирани од оригами, со преклопени, аголни и кубични форми изработени од шперплоча. Нивниот распоред во просторот на Музејот на современата уметност – Скопје создава стилизирана карта на јапонскиот архипелаг и неговите четири главни острови – Хокаидо, Хоншу, Шикоку и Кјушу.

Посетителите дополнително ќе можат да го надополнат искуството преку серија видео проекции кои ја следат темата на изложбата и ја прикажуваат врската меѓу архитектурата, инженерството и природата.

Куратори на изложбата се Шунсуке Кураката, вонреден професор на Универзитетот на град Осака, Сатоши Хачима, професор на Технолошкиот институт Чиба, и Кенџиро Хосака, куратор во Националниот музеј на модерна уметност во Токио.

Изложбата е дел од меѓународната програма на Јапонската фондација и има цел да ја приближи јапонската култура и архитектура до публиката низ светот.