Најновите податоци од истражувањето кое го спроведе компанијата „Хенли и Партнери“ за индексот на јачината на пасошите на државите во светот, покажуваат дека најсилен пасош на светот моментално е јапонскиот, чии сопственици можат да патуваат слободно во 191 земја во светот. Следува сингапурскиот со 190 слободни дестинации, а третото место го делат јужнокорејскиот и германскиот пасош со кои може слободно да се патува во 189 земји.

Индексот на „Хенли и Партнери“ ја покажува отвореноста на светските дестинации на патниците од целиот свет и ја рангира јачината на пасошите на околу 180 земји врз основа на можноста за патување без издавање на визи или на дозволи. Рангирањето се спроведува во соработка и врз основа на единствените податоци на Меѓународното здружение за воздушен сообраќај, ИАТА, организација со најпрецизна база на податоци за промет на патници во меѓународниот авионски сообраќај.

На 4. место на листата се Италија, Финска, Шпанија и Луксембург, со 188 дестинации за патувања без ограничувања, а на петтото се данскиот и австрискиот пасош, со 187 дестинации. Шести според јачина се шведскиот, францускиот, португалскиот холандскиот и ирскиот пасош, со 186 земји за патување без виза или друг документ, а 7-то место делат швајцарскиот американскиот, британскиот, норвешкиот и белгискиот пасош, со кои без ограничување се патува во 185 земји. На 8. место се Грција, Нов Зеланд, Малта и Чешка, чии граѓани можат да патуваат без виза во 184 држави, а на деветтото се Канада и Австрија со можност за слободен влез во 183 земји. „Осамен“ на 10. место е унгарскиот пасош, со 181 земја за безвизна посета.

На овој список на „Хенли и Парнери“ се и пасошите од соседите и од земјите од Западен Балкан. Словенија е најдобро позиционирана на 12-то место за патување во 180 земји, Хрватска е на 19-то со 170 земји, а Црна Гора и Северна Македонија се на 47-мо место со можност за патување без виза во 124 земји. Босна и Херцеговина е на 52-ро место со 117 земји за патување, а Србија е на 40-та позиција која ја дели со Ел Салвадор и Хондурас, со чии пасоши може да се патува во 134 земји.

Инаку, со македонски пасош во 2018 година можеше да се патува без виза во вкупно 110 земји, исто така, според индексот на „Хенли и Партнери“, што значи дека за две години сме успеале да ја „збогатиме“ листата за уште 14 земји во кои можеме да патуваме без визи.

На последната позиција на списокот на „Хенли и Партнери“, според прифатеноста на патната исправа, се: Пакистан, Сирија, Ирак и Авганистан чии граѓани можат да  патуваат без визи само во 32, 29, 28, односно 26 земји во светот.