fbpx

Јанкуловски земал ректорски додаток од 100.000 денари – што велат кандидатите за негов наследник за оваа сума?

Со оглед на тоа што висината и начинот на исплата на ректорскиот додаток предизвикуваат големи дебати во академската јавност, Мета.мк постави прашања и доби одговори од шестмината кандидати за ректор, пред утрешните избори

-

Откако дошол на функцијата, на актуелниот ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ), Никола Јанкуловски на два наврати му бил покачен надоместокот, односно додатокот што тој го земал на основната плата, како професор на Медицинскиот факултет и како доктор на Клиниката за дигестивна хирургија.

Од 60.000 денари, овој додаток во 2016 година откако Јанкуловски ја презема функцијата, се зголемува на 80.000 денари, а во 2021 година на 100.000 денари.

Користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Мета.мк ги доби договорите склучени меѓу ректорот и универзитетскиот Сенат и одлуките на Комисијата за финансии, инвестиции и развој која ги носи одлуките за висината на ректорскиот додаток. Патем, одлуките се потпишани од Билјана Ангелова, актуелен проректор и претседател на комисијата, а кандидат за нов ректор на УКИМ.

Со оглед на тоа што висината и начинот на исплата на ректорскиот додаток предизвикуваат големи дебати во академската јавност, Мета.мк постави прашања и доби одговори од шестмината кандидати за ректор, пред утрешните избори:

Доколку ја преземете ректорската позиција, на кој начин ќе го регулирате ректорскиот додаток? Дали ќе се откажете од него или, пак, го сметате за неопходен? Дали сумата од 100.000 денари месечно, колку што му изнесуваше на ректорот во заминување, сметате дека е разумна?

Одговорите на кандидатите ги пренесуваме подолу во текстот.

Жешкото столче на ректорот на УКИМ 

Според документите, до 2008 година, ректорот на УКИМ земал 17.576 денари од буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) и 18.000 денари од сопствени средства на Ректоратот. Од 2008 до 2016 година, средствата од МОН остануваат исти, а исплатите на сметката на ректорот од сметката на Ректоратот се зголемуваат на 60.000 денари.

Во 2016 година, кога Јанкуловски доаѓа на позицијата, овие исплати се зголемуваат на 80.000 денари. Во 2021 година, во мај, додатокот се зголемува на 100.000 денари, а на сметка на тоа нема исплати од страна на МОН, бидејќи со најновиот колективен договор склучен во април 2021 меѓу МОН и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, утврдено е „функционалниот додаток да се исплаќа само од сопствени приходи на установата“.

Во Договорот меѓу ректорот и Сенатот на УКИМ се утврдени основните услови за ангажманите на ректорот, додека Комисијата за финансии, инвестиции и развој ја утврдува висината на неговиот надоместок.

Во договорот од 2016 година се вели дека „ректорот ја прима платата што ја примал пред стапување на функцијата“, а има право и на „додатоци на плата, надоместоци на плата и други надоместоци согласно со закон“. Со истиот договор, било предвидено и дека ректорот има „право на мобилен телефон и репрезентација на сметка на Универзитетот, во земјата и во странство, без ограничување“. Воедно, предвидено е и службено возило, 24 часа на ден, за службени потреби.

Во вториот мандат, во 2020 година, ректорот Јанкуловски и Сенатот на УКИМ имаат склучено речиси идентичен договор, со тоа што не е наведено дали трошоците за репрезентација се неограничени и дали службеното возило може да се користи 24 часа дневно.

Врз основа на овие договори, понатаму се носи и одлуката на Комисијата за финансии, инвестиции и развој за исплатата на ректорот.

Пропадна обидот на Антикорупциската да го регулира ректорскиот додаток

Антикорупциската комисија во 2019 година предложи да се поведе кривична постапка против Јанкуловски оти не го ставил во мирување работното место на Клиниката за дигестивна хирургија.

„На ректорот од клиниката му е исплатувана плата, а надоместок од ректорат за неговиот ангажман во УКИМ. Според Законот за високо образование надоместокот за ректор е еднакво на исплата на плата и затоа предлагам да се побара од Клиниката работното место да му се стави во мирување“, рече тогаш Билјана Ивановска, претседателка на Антикорупциската комисија.

Во иницијативата на комисијата стоеше дека Јанкуловски не го ставил во мирување својот работен однос во ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија за време на извршувањето на ректорската должност. Со тоа, според наводите, тој од 15.09.2016 година противправно стекнал имотна корист од 2,45 милиони денари (речиси 40.000 евра) по основ на плата од клиниката, а бил должен работното место да му биде ставено во мирување.

Но, обвинителството ја отфрли оваа иницијатива истата година. Во предистрагата се утврдило дека Јанкуловски е во редовен работен однос со клинката како професор-здравствен работник, и преку клиниката добива плата, пензиско, здравствено и социјално осигурување. Во исто време, тој е и редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што извршува научна и едукативна дејност, а за ректорската функција примал надомест.

„По стапувањето на функцијата ректор на Универзитетот, согласно закон и склучен договор со Универзитетскиот Сенат, тој за ангажманот добива соодветен функционален надоместок, кој не може да се третира како плата. Од вербалните факти – исказите на сведоците, произлезе дека во целата досегашна практика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, сите досегашни ректори имале склучено вакви договори со кои се регулирале нивите права и обврски и тие договори биле во целост почитувани и исполнети“, се велеше во соопштението од Обвинителството за отфрлањето на иницијативата од Антикорупциска.

Петмина кандидати за нов ректор се против високиот ректорски додаток

Ратко Дуев, декан на Филозофски факултет и кандидат за ректор на УКИМ, за Мета.мк вели дека одлуките за плати и надоместоци според Законот за високо образование ги носи ректорската управа и сенатот на УКИМ и дека „не разбира според која одлука, правилник или член во Статутот на УКИМ, Комисијата за финансии, инвестиции и развој можела да донесе одлука за висината на наведениот износ на ректорскиот додадок“.

„Доколку бидам избран за ректор ќе направам ревизија на оваа одлука според законот и статутот. Секое одговорно лице е должно да постапува според законите, бидејќи во спротивно одговара пред институциите на државата“, вели Дуев.

Со сличен став е и кандидатот за ректор на УКИМ од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Димитар Ташковски. 

„Доколку бидам избран за ректор, воопшто нема да примам надоместок, туку ќе примам плата за ректорската позиција, како што е изречно пропишано со Законот за високо образование (ЗВО). За да биде мојот работен однос во согласност со ЗВО, ќе склучам договор за вработување со Сенатот за ректорската позиција. Висината на платата на Ректорот ќе биде уредена изречно со Договорот за вработување. Ректорскиот надомест на постојниот ректор (кој тој го добива над професорската плата) од 100.000 денари мислам дека е превисок“, вели тој.

Горан Ајдински од Филозофскиот факултет за Мета.мк изјави дека на академската заедница не ѝ познат износот на месечните примања на ректорот, ниту пак дали тоа е регулирано со менаџерски договор и ако е, која е неговата содржина.

„Не знаеме дали е тој износ или поголем износ. Веројатно на ова прашање точно знае да одговори проректорката за финансии. Во изминатите седум години овој податок не беше соопштен. Не знаеме ни точно како се распределуваат 5% од секој проект реализиран на универзитетот. Дали од овие проценти се исплатуваат хонорари за ректорот. Во секој случај, надоместокот на ректорот треба да биде транспарентен, и јавно објавен и за што цврсто ќе се залагам“, изјави тој.

Кандидатката Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) вели дека доколку стане нов ректор, ќе има помалку пари за ректорот, а повеќе за науката, истражувачите и вработените.

„Ќе го намалам додатокот за ректор, да биде споредлив со просечната плата на професор на УКИМ, а средствата ќе бидат насочени во нова програма за финансирање на младите истражувачи и нивните ментори“, ни изјави таа.

Кандидатот Атанас Кочов од Машинскиот факултет веќе јавно изјави дека се откажува од ректорскиот додаток.

„Средствата ќе бидат наменети за финансирање на проекти на УКИМ, а доколку ми бидат префрлени по законски одредби – тогаш ќе бидат наменети за деца со посебни потреби! Сметам дека било кој износ поголем од 1/3 од проесчна професорска плата е повеќе од неразумен. Истото го сметам и за сите останати авторски хонорари кои се делат во Ректоратот по основ на управување со меѓународни проекти. Сметам дека Правилникот треба да биде поништен и да нема никаква заддршка на финансии од т.н. overhead на меѓународни проекти, кои се аплицирани и добиени од страна на единицте (Факултетите) на УКИМ“, изјави Кочов за Мета.

Единствено кандидатката за ректор Билјана Ангелова, која е и проректорка за финансии ни изјави дека ректорскиот додаток не зависи од неа, туку од Сенатот.

„Ректорскиот додаток е прашање кое се регулира со менаџерскиот Договор помеѓу Сенатот и ректорот. Разумноста на висината ја цени Сенатот. Таа не зависи од волјата и желбите на новиот ректор, туку од други фактори кои на јавен и транспарентен начин одлучуваат сите сенатори на УКИМ. Едно се желбите, друго се можностите и волјата на мнозинството“, изјави Ангелова.

Изборот за ректор на УКИМ се одржува утре во периодот од 12 до 14 часот. Право на глас имаат сите на Универзитетот кои се избрани во звање доцент, редовен и вонреден професор, како и студентите кои се дел од наставно-научните совети на факултетите. Како што е наведено во роковникот, може да се случи и да има прегласување, а такво нешто би се одржало на 9 јуни, и тоа во онаа единица каде што ќе има потреба од прегласување.

Мандатот на ректорот е три години.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...