Јанкуловска: Патот до признанието Инженерски прстен е поплочен со многу труд и одрекувања

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски денеска го врачи признанието „Инженерски прстен“ на 12 најуспешни студенти кои дипломирале на факултетите што негуваат инженерски дисциплини во Република Северна Македонија. Манифестацијата се одржува по 19. пат во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, а под покровителство на претседателот.

Во своето обраќање Пендаровски истакна дека со доделувањето на ова признание, придонесуваме за афирмирање на инженерските професии, а и самата оваа манифестација придонесува за промоција на инженерството.

„Машинци, архитекти, информатичари, технолози, електротехничари, градежни, земјоделски и шумарски инженери, добитници на инженерскиот прстен, но и сите останати инженери се движечка сила на секоја држава. Тие млади луѓе веќе суштински придонесуваат за македонската економија, а со тоа и за благосостојбата на сите наши граѓани“, рече тој.

Ана Јанкуловска, овогодишен добитник на признанието Инженерски прстен, се обрати во име на сите 12 овогодишни добитници. Кажа дека додека научниците го осознаваат и проучуваат светот кој постои, светот во кои егзистираме, инженерите се фокусираат кон креирање на светот кој никогаш не бил, свет подобар од овој кој што го имаме.

„Дел од нас можеби ќе се насочат во научниот и едукативниот дел на инженерската струка, дел ќе започнат со работа во праксата, изучувајќи ги практиките од поискусните колеги. Инженерскиот прстен за секој од нас е обврска да бидеме уште подобри инженери. Како и до сега, патот до ова најпрестижно признание на еден студент бил поплочен со многу труд, работа, посветеност, одрекувања, така и од сега понатаму продолжуваме со истата енергија и фокус кон повисоки цели и достигнувања“, рече Јанкуловска.

За професорката Христина Спасевска, претседателката на Инженерската институција на Македонија, глобализацијата на општеството ја наметнува дигитализацијата во секој сегмент од нашето живеење и ги етаблира инженерите како носители на одржливиот развој во сите седумнаесет цели на Обединетите нации.

„Нашите млади инженери се подготвени, со своето опсежно базично знаење и аналитичност, стекнато на факултет, да развиваат технологии, дизајнираат нови производи и процеси. Но нивна најзначајна улога во иднина ќе биде и тие да направат инженерски подмладок, кој ќе ги наследи и ќе продолжи да создава импозантни дела. Веруваме дека овогодинешните добитници, како нивните колеги пред тоа, ќе бидат лидери во технолошките промени што следат“, рече таа.