Сосема сум спокојна бидејќи немам направено никакво кривично дело и во целокупниот период додека бев на функција во Министерството за внатрешни работи, работев професионално, изјави поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, по распитот пред судија на претходна постапка.

Распитот на Јанкулоска, која е третоосомничена во случајот „Тврдина“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО), траеше речиси три часа.

Поранешната министерка, во изјавата за медиумите по сослушувањето, неколкупати повтори дека Специјалното јавно обвинителство води политичка пресметка во име на СДСМ и на опозицијата преку конструирани случаи против лица кои ги сметаат за политички противници и дека истражува само предмети против припадници на една партија, односно ВМРО-ДПМНЕ.

Таа потврди дека на денешниот распит обвинителите од СЈО побарале изземање на судијката Александра Поп-Стефанија, што Јанкулоска, исто така, го оцени како политички мотивиран потег.

– Со денешното рочиште уште еднаш се потврди дека СЈО функционура како продолжена рака на опозицијата. Практично, самиот факт што во текот на распитот СЈО побара изземање на судијата од политички мотиварни причини, е уште една потврда за политичкиот настап на ова обвинителство, односно за нивната пристрасност и блиската координација со опозицијата. Но, без оглед на сите механизми што тие ги користат, без разлика дали тие се дозволени или недозволени, јас секогаш кога ќе ме повика судот или која било државна институција, сум достапна и на располагање. Мој интерес е да учестувам во постапката затоа што тоа е најдобар начин да се демаскираат конструкциите на СЈО, подносителот на најголем дел од кривичните пријави, политичката партија СДСМ и на сите што сметаат дека ова е вистинскиот начин да се подобри рејтингот на опозицијата – изјави Јанкулоска.

Таа рече дека нема апсолутно никакви докази бидејќи не постои кривично дело, додавајќи дека денешниот распит не се однесувал на делото што ѝ се става на товар, туку на мерките за претпазливост што ги бара СЈО.

– Од она што јас можев да го слушнам како нивна аргументација, воопшто не постојат никакви аргументи ниту да се бараат ниту да се определат мерки на претпазливост, дотолку повеќе што нивниот аргумент е дека постои опасност од бегство. Како што можете да видите, јас бев тука минатиот пат кога ме повикаа, тука сум и денеска и ќе дојдам повторно, секогаш кога ќе бидам повикана – рече поранешната министерка, додавајќи дека не сака да прејудицира каква одлука ќе донесе судијата по распитот.

Одговарајќи на прашањето дали се прислушувало со опремата и дали таа постои, Јанкулоска рече дека станува збор за „оперативно-технички и тактички прашања“.

– Овие прашања се однесуваат на оперативно-технички и тактички прашања кои се надлежност на професионалните лица во МВР, поточно во Управата за безбедност и контраразузнавање, така што би било неупатно поранешен политички функционер да се впушта во дискусија или да импровизира со некаков одговор – рече Јанкулоска.

Осомничените во „Тврдина“ се товарат дека минатата година ја уништиле опремата од нелегалното прислушување, вредна 10 милиони евра.