Дали ќе поднесе приватна тужба против лидерот на опозцијата, Зоран Заев, за објавените снимки од прислушувани разговори, или нема, за министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, е личен избор и не е прашање од јавен интерес.

– Кој кого ќе тужи и дали ќе тужи е прашање на личен избор и не е прашање од интерес на јавноста. Не е прашање поврзано со службената положба или прашање поврзано со извршување на надлежностите на Министерството – изјави Јанкулоска, по новинарско прашање за тоа дали ќе го тужи лидерот на опозицијата, Зоран Заев, по член 151 од кривичниот закон, а во врска со објавените снимки на кои, како што тој тврди, меѓу прислушуваните функционери е и министерката за внатрешни работи.

Членот 151 од Kривичниот закон се однесува на кривичното дело неовластено прислушување и тонско снимање, за кое е предвидена парична казна или казна затвор до една година, освен во случај кога делото ќе го стори службено лице во вршење на службата. Тогаш казната е затвор, од три месеци до три години.

Постапката за делото се води по приватна тужба, освен кога станува збор за службено лице или фирма. За фирма е предвидена парична казна.