Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, оценува дека ученици во „Коле Неделковски“ од Велес, за кои Мета пишуваше дека внесувале коментари и оцени во е-дневникот, само си поиграле.
„Се случило компјутерот на наставничката да биде оставен отворен и учениците како ученици, како што вообичаено се случува, влегле во системот и се поиграле со системот. Дневникот не е хакиран и во него нема упад. Се работи за невнимание кое не мислам дека е нешто премногу значајно, а инаку одговорност е на наставниците да водат сметка за дневникот“, рече Јаневска.
Мета завчера објави дека упад во системот на електронскиот дневник, кој се случил изминатиот викенд, бил причина надлежните во Министерството за образование и наука (МОН) да побараат сите корисници (околу 140.000 наставници, професори и родители) да ги променат лозинките за да можат да се најават во системот. Информацијата ја потврди и директорката на велешкото училиште, Весна Стојанова Богоевска.
„Колешка наша кога сакала викендов да заведе часови за оваа недела, забележала несоодветни коментари и избришани часови. Веднаш го пријави случајот, а ние како училиште пријавивме во МОН. Оттаму ни беа дадени насоки да смениме лозинки, апостапката за нечија одговорност ја препуштивме на надлежните. Не знаеме кој го сторил ова бидејќи кај нас професорите имаат службени лаптопи и тие на секој одмор се заклучени во кабинетите. Не верувам дека ова се случило додека траела наставата“, вели Стојанова Богоевска за Мета.
По овој случај, МОН побара од сите корисници на електронскиот дневник да ги променат лозинките за да можат да влезат во дневникот и да се видат оценките и поведението. Оттаму велат дека комплексноста на лозинките го подигнуваат нивото на заштита од злоупотреби на ИТ системите.