Кога учениците одат на квалификациско тестирање, се гледа кој колку знае. Во „Георги Димитров“ беше направено само рангирање. Тие имаат 199 слободни места, толку ученици и ќе запишат. Но, половина од децата кои полагаа квалификациски тест, од 150 можни поени, освоиле 75, а од тие со освоени 75 поени, последниот запишан е со 45, а тоа не е положен испит. Па и 75 не е ни за двојка.
Ова денеска го кажа министерката за образование и наука весна Јаневска, која се обиде да појасни на што мислела кога од собраниската говорница пред неколку дена кажа дека од 75 ученици со просек 5,00, половина го „паднале испитот“.
„Има интенција дека одредени училишта се најдобри. И децата кои сакаат да учат, сакаат да се запишат во тие училишта. Очигледно не се свесни дека нивното знаење не е содветно на нивната оцена. Целата ситуација им дава лажна слика, бидејќи тие се сите скроз одлични. Кога одат на вакво тестирање, се открива кој колку знае. Во „Георги Димитров“ последниот запишан е со само 45 поени од можни 150, а тоа не е положен испит“. Не е страшно, но мора да воведеме методи со кои ќе пратиме порака дека тие мора да го постигнат успехот. Родителите да станат свесни дека тоа знаење ќе има значајно влијание на животот на детето“, рече денеска на прес-конференција министерката.
Мета завчера објави дека квалификацискиот испит кој го полагаа кандидатите за упис во гимназијата „Георги Димитров“, го полагале 226 ученици и ниту еден од нив нема освоено 0 бодови, односно ниту еден не „паднал“ на испитот, како што тврдеше Јаневска. Тоа го потврди и директорот Саша Стоименов, кој за Мета оцени дека најверојатно се работи за недоразбирање.
„Во првиот уписен рок за прва година за учебната 2025/2026 година во гимназиско образование за 238 места конкурираа вкупно 309 ученици. Од нив примени беа 39 ученици со поени од државни и меѓународни натпревари, а за останатите 199 места се спроведе квалификациско тестирање на кое учествуваат вкупно 226 ученици со среден успех 5,00. Од нив најдобро рангираните 199 ученици станаа наши ученици во прва година“, пишува во објавата на Фејсбук на училиштето.
Квалификациско тестирање за упис се одржа и во „Д-р Панче Караѓозов“, како и во училиштето „Гостивар“ од Гостивар.
Јаневска, зборувајќи за уписите, на денешниот прес кажа дека и оваа година уписите се вршат и електронски и со физичко носење на документите во училиштата, бидејќи не сите училишта имале пристап до е-формата на пријавување и бидејќи не биле сите подготвени.
„Но, од идната година, кога масовно ќе се пушти новиот надграден електронски дневник во употреба, предвидено е училиштата да ги поврзат сите документи за да може да се запише ученикот. Следната година овој проблем ќе го нема. Самиот систем ќе може да ги вади сведителствата и нема да мора да печатиме свидетелства. нема да мора да трошиме средства за да ги печатиме на хартија“, рече Јаневска.
На новинарско прашање околу измените во законите кои предвiдуваат да не може повеќе на наставнички совет да се поправаат оценки, таа кажа дека целта со таа измена е да се прави порака и до учениците и до наставниците дека ќе мора да преземат нешто за да се зголеми квантумот на знаење кај учениците.
„Очекувам учениците малку повеќе да се потрудат, а да престанат ургенциите од родителите. Пораката е јасна, ако сакате добра оцена, мора да учите. Ако сакаат да поправат оцената ако сметаат дека се онеправдани, може да излезат на испит пред комисија од тројца и да го потврдат знаењето“, рече таа.
