Јаневска најави промени и ново законско решение за високото образование во 2025 година

„За жал, имаме студенти кои дипломираат со висок просек, а немаат познавања ниту за шестка. Поради нив, студентите кои ги стекнале дипломите со труд и имаат знаења, одлучуваат да си заминат и да работат во сериозни компании во странство“, рече Јаневска, додавајќи дека ова е суштинска причина за отпочнување на крупни промени во високото образование

фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Следната година ќе биде усвоен нов Закон за високото образование кој ќе обезбеди повеќе и подобри можности за студентите и професорите, но и ќе ги подигне стандардите за квалитет што високообразовните установи ќе треба да го следат. Ова го рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на вчерашната собраниска седница на која пратениците поставуваа прашања до членовите на Владата.

„За жал, имаме студенти кои дипломираат со висок просек, а немаат познавања ниту за шестка. Поради нив, студентите кои ги стекнале дипломите со труд и имаат знаења, одлучуваат да си заминат и да работат во сериозни компании во странство“, рече Јаневска, додавајќи дека ова е суштинска причина за отпочнување на крупни промени во високото образование.

Министерката најави дека деновиве на владиниот ЕНЕР систем ќе биде поставен и нов Закон за националната рамка на квалификации, кој вчера беше усогласен со Секретаријатот за законодавство.

„Законот точно дефинира какви квалификации и способности треба да поседуваат и што можат да работат студентите со завршени тригодишни и со четиригодишни додипломски студии и тие воопшто не се дискриминирани ниту при вработување, ниту при остварување на други права. Ќе потсетам дека една од мерките која ја спроведовме по моето назначување за министерка е тоа што им овозможивме на студентите со завршени тригодишни додипломски студии, значи со 180 ЕКТС, да можат да аплицираат за стипендија за втор циклус на студии на домашните високообразовни установи, што порано не им било дозволено“, рече Јаневска.

Таа додаде дека очекува новото законско решение да биде усвоено во Собранието до крајот на тековната календарска година.