Јаневска бара „уште неколку дена“ за решавање на случајот со ученикот во „Лазо Ангеловски“

Министерката најави „подлабоки и посериозни активности“ кои ќе бидат во корист на детето. Не откри дали родителите на ученикот соработувале со институциите

Фото: Министерство за образование

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска рече дека на Министерството му се потребни уште неколку дена за решавање на случајот со малолетникот и бојкотот на наставата во ОУ „Лазо Ангеловски“ во Скопје.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска кажа дека детето се стигматизира во јавноста.

„Ве молам да дозволите, неколку дена веќе работиме тимски. МОН, Министерството за здравство и Министерството за социјала, демографија и млади, го решаваме проблемот. Дозволете неколку дена да дојдеме до најсоодветното решение“, изјави Јаневска.

Министерката најави „подлабоки и посериозни активности“ кои ќе бидат во корист на детето. Не откри дали родителите на ученикот соработувале со институциите.

„Не може цела македонска јавност да го стигматизира детето. Ве молам дајте ни време, да имаме извесен период и ќе го решиме случајот“, рече Јаневска.

Учениците од „Лазо Ангеловски“ и денеска не отидоа на настава, со што продолжи бојкотот на родителите поради наводното насилно однесување на осумгодишниот ученик.

Родителите на учениците бараат МОН да спроведе стручна анализа за состојбата на ученикот и на неговото семејство.

Третоодделенецот на чие однесување се жалеа родители од училиштето „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче требаше да биде префрлен во ОУ „11 Октомври“ во Центар.

И родителите на тамошните ученици ја бојкотираа наставата откако дознале дека детето е префрлено во тоа училиште, по што ученикот беше вратен во матичното основно училиште во Ново Лисиче.