Специјалната обвинителка, Катица Јанева, најдоцна утре ќе ги достави сите документи, односно работен, персонален и финансиски план, што ѝ ги побара Советот на јавни обвинители за да донесе одлучка по предлогот на Јанева за нејзиниот тим од 14 помошници, соопштија денеска од канцеларијата на специјалната обвинителка.
Седницата на Советот на јавни обвинители на која треба да се изберат обвинителите што ги предложи Јанева, а кои треба да ѝ помагаат во расчистувањето на наводите што произлегуваат од содржината на прислушуваните разговори што ги објави опозицијата, е најавена за следната недела.
„Воедно, изразено е уверување дека Советот ќе пристапи кон доследна примена на законските одредби и кон имплементација на доставените планови, а во смисла на член 9, став 2 од Законот за јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, ќе ги избере кандидатите кои специјалниот јавен обвинител ги предложил од редот на постојните обвинители“, стои во соопштението од канцеларијата на специјалната обвинителка.