Специјалната обвинителка Катица Јанева и членови на нејзиниот тим деновиве биле во посета на Битола, а во врска со постапката што Специјалното јавно обвинителство ја води против градоначалникот на Општината, Владимир Талески, дознава „Мета“.

Од обвинителството ни потврдија дека членови на тимот на Јанева ја посетиле Битола, но не прецизираат дали со нив била и Јанева.

„Точно е дека членови на тимот на специјалната јавна обвинителка биле во посета на Битола и ваквата посета е поради потребите за предистражни постапки што се водат пред ова јавно обвинителство“, стои во одговорот од Специјалното јавно обвинителство на нашето прашање: „Дали е точно дека специјалната обвинителка, Катица Јанева, е во посета на Битола и доколку е таков случајот, зошто и дали е тоа во врска со истрагата што ја води СЈО против градоначалникот Владимир Талески?“.

Според наши сознанија, Специјалното јавно обвинителство ги презело сите предмети отворени во врска со работата на Општина Битола и на градоначалникот Владимир Талески, а не само тие што произлегоа од „бомбата“ на опозицијата со бесплатниот школски превоз.

Во врска со овие информации, од кабинетот на специјалната обвинителка за „Мета“, во петокот минатата недела, рекоа дека поради тајноста на постапката не можат да кажат што сè е предмет на истрага.

„Во тек е предистражна постапка за предметот за кој прашувате и со оглед дека предистражната постапка во согласност со Законот за кривична постапка (ЗКП) е тајна, во овој момент не сме во можност да ви сооштиме што сè е предмет на истражување. Секако, штом ќе постои законска можност, благовремено ќе бидете известени за прашањата за кои изразивте интерес“, беше наведено во одговорот на СЈО.

Од битолското јавно обвинителство за „Мета“ потврдуваат дека севкупното работење на Општина Битола е префрлено во рацете на Специјалното јавно обвинителство, вкулучувајќи ја одлуката за подигнување на кредитот од 2,5 милиони евра за инфраструктура во поранешната касарна, зонско паркирање, изградба на мостови и на улици како проекти на Општината.