Специјалната обвинителка, Катица Јанева, денеска соопшти кои предмети што произлегуваат од содржината на незаконското прислушување први ги побарала од обвинителствата што досега постапуваа по нив. Извештајот на специјалното обвинителство за медиумите за побараните предмети, иако е напишан со стручна терминологија и со осомничени, на кои им се наведени само иницијали, сепак, според кривичните дела за кои се товарат, јасно наведува за кои лица и за кои случаи што беа објавени во „бомбите“ на опозицијата станува збор.

Како што соопштија од кабинетот на Јанева, од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција бил побран предметот против лицето С.М., односно поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков. Тој, според соопштението, се товари за кривичното тело примање поткуп и за злоупотреба на службената положба и овластување. За истите дела е осомничено и лицето С.К., а за давање поткуп лицето Х.Х.

Според материјалите што ги објави опозицијата и врз основа на кои потоа поднесе кривична пријава до обвинителството, станува збор за сомнежот дека ексдиректорот на УБК примил поткуп од израелска фирма за, како што обвини тогаш опозицијата, набавка на опрема за прислушување од Израел. Во „бомбата“ што ја објави опозицијата, се спомнуваат имињата на Хаим Хакејни, израелскиот посредник во зделката, и Светлана Костова, тогашна вработена во кабинетот на Мијалков.

Друг предмет што го побарало специјалното обвинителство е против лицата Н.Г., Г.Ј., М.Ј. и против НН лица од Министерството за внатрешни работи. Тие се осомничени за фалсификување исправа и за повреда на избирачко право. Според иницијалите, јасно се препознава дека станува збор за примиерот Никола Груевски и за поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, а случајот најверојатно е за наводите за директна вмешаност во фалсификување лични документи и малверзации за време на изборите, за што се зборуваше и во седмата „бомба“ на опозицијата.

Од битолското обвинителство е побран предметот против лицата В.Т. и С.Б., осомничени за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување. Извесно е дека еден од осомничените е битолскиот градоначалник Владимир Талески, за чие сомнително и незаконско работење во една од „бомбите“, употребувајќи сочни изрази на сметка на Талески, зборуваа Гордана Јакулоска и министерот за финансии, Зоран Ставрески.

До Основното јавно обвинителство Куманово поднесено е барање за доставување на предметот заведен под КО бр353/15, оформен по поднесена кривична пријава од физичко лице, против НН лице – одговорно лице за комуникации во мобилен оператор и против правно лице за кривично дело – неовластено прислушување и тонско снимање, соопштија од обвинителството.

Од ВМРО-ДПМНЕ не сакаа да го коментираат соопштението и одлуката за тоа кои предмети специјалното обвинителство први ќе почне да ги работи, додека, пак, од СДСМ велат дека им е драго што Јанева почнала со работа и покрај сите опструкции.