fbpx

Јалова дебата на грчките политички лидери на телевизија, но плодна на „Твитер“

-

Грчките граѓани не се поблиску до одлука за кого да гласаат на претстојните парламентарни избори по синоќешната телевизиска дебата меѓу седумте клучни политички лидери. Првото телевизиско соочување на првите луѓе на СИРИЗА, Нова Демократија, ПАСОК, Народно единство, Река, Независни Грци и Комунистичката партија, наместо како сочна дискусија што ќе даде одговор на прашањето што секоја од партиите планира за да ја извлече Грција од економската и социјалната криза самостојно или во соработка со други партии, заврши како тричасовен празен монолог на секој од лидерите.

„Тричасовна дебата без одговори“, „Телевизиско соочување про форма“, „Од дебатата ништо ново“, „Политичките лидери играа одбрана за да не си дадат автогол“ се само дел од насловите во грчките печатени медиуми за дебатата за која многумина оценија дека не направи никого помудар, ниту можеше да се нарече дебата бидејќи немаше жива дискусија ниту меѓу политичарите ниту меѓу новинарите. Ова прво телевизиско соочување на партиските лидери по шест години пауза помина како прокоцкана шанса, без да има јасен победник или губитник. Без суштина, без никакви конкретни политички програми и решенија, без поента, заснована на меѓусебни напади и на обвинувања за старите грешки, дебатата се одвиваше со мртва динамика. Дискусија не беше дозволена, секој од лидерите имаше една минута и триесет секунди да одговори на новинарско прашање, без да може да дискутира за која било тема со другите лидери. Се разговараше на пет теми, и тоа: финансии, економски развој и невработеност, социјална политика и реформи, образование и здравство, имиграциона политика и политика кон бегалци, надворешна политика и одбрана и слободни прашања од новинарите на која било тема.

Освен вообичаените политички ветувања и постојаните напади на политичките опоненти, граѓаните немаа можност да слушнат суштински идеи за тоа како Грција ќе се врати на патот на економскиот напредок.

Самите лидери реагираа дека дебатата, според начинот на кој е спроведена, не била ниту интересна, ниту информативна за граѓаните.

– Треба да го смениме форматот на дебатата – изјави поранешниот премиер Алексис Ципрас по напуштањето на дебатата во студиото на државната телевизија ЕРТ.

– Дебатата не беше интересна за граѓаните. Ќе беше добро доколку се прифатеше нашиот предлог за дискусија меѓу политичките лидери. Вака, дебатата не предизвика интерес – оцени првиот човек на Река и поранешен новинар, Ставрос Теодоракис.

Првичните оцени се дека ако оваа дебата доведе до нешто, тоа е уште поголема неизвесност за кого да се гласа на изборите откако партијата „Робин Худ“, СИРИЗА, која важеше за сојузник на народот кој не сака да се спроведат строгите мерки за штедење, потпиша договор со ЕУ со кој ќе се спроведат уште построги мерки во идните неколку години за да се загарантира финансиската иднина на државата.

Дебатата покажа дека Ципрас планира да игра на картата дека сепак не прифатил строги мерки за штедење, Нова демократија ќе игра на картата стабилна политичка сила, Река ќе ги обвинува сите досегашни влади, претставувајќи се како сериозна алтернатива без корумпирано и неуспешно минато на прифаќање неефективни мерки за штедење.

Додека дебатата се одвиваше со бавна, речиси здодевна динамика, вистинската дискусија беше на „Твитер“. Грчките граѓани реагираа дека дискусијата е без никакви суштински заклучоци.

– Не ја разбирам поентата на дебатата на начинот на кој беше спроведена. Немаше ништо ново, ниту позитивен сигнал за иднината на државата – напиша новинарот Арис Раванос на „Твитер“.

„Засега дебатата им оди во корист на Златна зора и воздржаноста од гласање на изборите“, коментираше еден твитер-корисник.

„Се посрамија на државно ниво. Не се способни да соработуваат ни најобична врата да отворат“, се вели во друга твитер-објава.

Следното и последно телевизиско соочување пред изборите на 20 септември ќе биде в понеделник, меѓу двајцата клучни опоненти, лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, и првиот човек на Нова демократија, Евангелос Меимаракис.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Македонија гласа: Седми претседателски избори со седуммина кандидати

Денеска се одржуваат седмите претседателски избори во Република Северна Македонија, а за функцијата Претседател на РСМ се натпреваруваат седум кандидати. Со право на глас на Претседателските избори 2024 во Избирачкиот...