Лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, бара кривично да биде гонет напаѓачот што синоќа во штабот на партијата, на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, извадил лисици и нож и им се заканувал на присутните.
Јакимовски вели дека тоа што полицијата поднела прекршочна, а не кривична пријава против напаѓачот, покажува дека СДСМ го штити криминалот.
– Тие што дојдоа да се тепаат се хулигани, бивши затвореници и членови на подземјето. Како може СДСМ да не се огради и да не го осуди ваквиот настан? Уште помага делото да биде прекршочно, а не кривично. Ова кажува дека политиката и криминалот се заедно, дека СДСМ и криминалот се заедно и дека и понатаму ќе продолжат да вршат насилство – изјави Јакимовски, кој го повика Основното јавно обвинителство да реагира.
Тој потсети дека уште во 21.30 часот, по преброени 48 проценти од гласовите, излегол и го признал поразот и му го честитал изборот на новиот градоначалник на општина Карпош, додавајќи дека политичарите треба да се носат и со победата и со поразот.
Настанот е забележан и во денешниот полициски билтен, во кој се вели дека возило „мерцедес“ застанало пред штабот на ГРОМ, по што од автомобилот излегол С.Р. кој извадил нож и лисици, упатил закани на присутните и заминал со возилото.