Човекот кој Израел го опишува како „архитект“ на нападите на 7 октомври, во кои загинаа 1.200 луѓе, главно цивили, сега е најмоќната фигура во Хамас. Тој вчера беше избран за нов лидер и наследник на Исмаил Ханије, кој неодамна беше убиен во Техеран.
Јахја Синвар е роден во бегалски камп на јужниот дел на Појасот Газа и се вклучил во исламистичкиот активизам додека студирал на Исламскиот универзитет во Газа во раните 1980-ти, додека религиозната преродба зема замав низ Блискиот Исток.
Во 1987 година, тој се приклучува на новоформираната група Хамас и е назначен за шеф на разузнавањето. Должностите вклучуваат откривање шпиони или други „соработници“ со Израел, како и луѓе во Газа кои го прекршиле строгиот „морален кодекс“ на Хамас.
Осуден на четири доживотни затворски казни
Јахја Синвар бил уапсен во 1988 година и осуден на четири доживотни затворски казни за обид за убиство и саботажа, а потоа поминал 23 години во израелските затвори. Во затворот, Синвар не сакал да зборува со ниту еден Израелец и лично ги казнувал оние што го правеле тоа – со туркање на нивните глави во импровизирана печка, како што изјавува поранешен израелски иследник кој работел во објектот каде што бил затворен Синвар.
„Тој е илјада проценти лојален и илјада проценти насилен, многу, многу цврст човек“, изјавува истражителот за светските медиуми.
Но, тој е и софистициран политички оператор со остар ум. Синвар го искористи своето време во затвор за да научи хебрејски и да го проучува својот непријател, стекнувајќи знаење кое може да биде од корист.
Кога бил ослободен со повеќе од 1.000 затвореници разменети во 2011 година за Гилад Шалит, израелски војник заробен од Хамас пет години претходно, Синвар веднаш се вратил на фронтот, велејќи дека од сопственото искуство научил дека фаќањето израелски војници е „единствен начин“ за ослободување на затворениците.
Новинар кој тогаш го запознал Синвар изјавил за Гардијан дека лидерот на Хамас бил толку фокусиран, опишувајќи дека „светот како да не постои надвор од неговиот поглед“.
Шест години по неговото ослободување, Синвар ја презема целосната команда на Хамас во Газа, консолидирајќи ги односите меѓу воените, цивилните и административните крила на организацијата и маргинализирајќи го политичкото раководство во странство.
Иако воените команданти најверојатно ги планирале деталите за нападот на 7 октомври, се верува дека Синвар ја започнал операцијата и бил вклучен во речиси сите аспекти.
Тој сега се крие, веројатно во мрежа од тунели изградени од Хамас под јужна Газа, пишува Гардијан.