Комбинираната електрана ТЕ-ТО Скопје | Фото: Мета.мк

Еколкошките даноци се еден од ефикасните начини за борба со климатските промени и стимулација за нискојаглероден развој. Тие се закана за сите големи и потенцијални емитирачи на јаглероден диоксид, од старите возила, па сè до големите енергетски и индустриски капацитети кои користат фосилни горива. Данокот на јаглерод се однесува на сите стационарни и мобилни извори на јаглерод. Во Македонија најголемиот извор е енергетскиот сектор, преку термоелектраните на јаглен, но тука влегува и транспортот и загревањето со фосилни горива како нафта, мазут или јаглен. Во светот и кај нас, покрај енергетиката има стопански гранки што исто така се големи извори на јаглероден диоксид, почнувајќи од големите индустриски капацитети, како цеметарите или топилниците, па сè до земјоделските оранжерии, кои исто така многу често користат фосилни горива за загревање.

Воведување на данок на јаглерод значи отварање можност за инвестиции за обновливи извори кои ни се многу потребни, смета Елена Николовска од „Еко Свест“. Станува збор за обезбедување финансиски средства не само за обновливи извори, туку и за иновации кон примена на најдобри практики и достапни технологии кон нискојаглероден развој.

Елена Николовска, „Еко-свест“ | Фото: лична архива

„Иако беше спомната како можност во Стратегијата за енергетика и е планирана како мерка во Националниот план за енергија и клима, сè уште не е започнат процесот на воведување на јаглеродната такса. Ова значи дека нема никаква правна рамка за овој инструмент и не се знае во каков формат ќе биде воведен. Иако зеленото сценарио е финансиски најисплатливо според сите проценки вклучително и Стратешката оценка за влијанијата на Стратегијата за енергетика, сепак, овој инструмент не е директно врзан со имплементација на одредено сценарио, иако значително влијае на брзината на енергетската трансформација. Без разлика кое сценарио ќе го одбереме, мерката данок на јаглерод е потребна за обезбедување одржлив механизам за финансирање на оваа трансформација, а ова е потребно за да ги достигнеме целите од Енергетска Заедница и ЕУ. Колку побрзо ја воведеме, толку побрзо ќе чекориме кон исполнување на тие цели“, вели Николовска.

Оваа еколошка давачка е позната во повеќе држави низ Европа и светот, а ја плаќаат производителите на производи поврзани со емисии на јаглероден диоксид, но и потрошувачите, доколку ги купуваат истите. Проценето е дека најразвиените земји емитуваат околку 40 отсто од емисиите, а во Европската Унија во 2017 година биле собрани околку 370 милијарди евра како еколошки даноци. Резултат на тоа е намалување на емисиите на јаглероден диоксид за 22 отсто или 1.240 милијарда тони во периодот од 1990 до 2017 година.

Во Министерството за животна средина велат дека сè уште анализираат што би значело воведување на јаглеродна такса за стационирани извори на емисии и начинот на најзиното определување во земјава.

„Јаглеродната такса се анализира од аспект на потенцијалот за намалување на емисиите на стакленичките гасови. Анализата ќе покаже кога ќе се воведе и која ќе биде висината на јаглеродната такса, од што ќе зависи до кој степен ќе бидат оптоварени производствените капацитети во Северна Македонија. Стратегијата за енергетика покажа дека доколку висината на јагледодната такса е над 35 евра за тон, тоа би значело затворање или намалување на интензитетот на работа на Термоелектраната Битола. Од друга страна и без воведување на јаглеродната такса не постои економска оправданост Осломеј да продолжи со работа“, велат во Министерството.

Оттаму потенцираат дека согласно насоките на Енергетската заедница како и на Европската комисија, средствата собрани од јаглеродната такса може и пожелно е да се користат за зголемување на инвестициите во обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност како и програми за ранливи потрошувачи кои ќе бидат најпогодени од енергетската транзиција.