Најпрво премиерот Мицкоски, а потоа и министерот за здравство Алиу, два дена по ред даваа непоткрепени изјави за последиците по здравјето на граѓаните во врска со штетните материи во воздухот од пожарите во депониите Вардариште и Дрисла. Обајцата се повикаа на резултатите од мерните станици, а резултатите никој не ги соопшти официјално, со појаснување и контекст. Непоткрепеноста раѓа контрадикторност и збунетост како што тоа се случува особено со изјавата на Алиу, кој вели бројките не се опасни по здравјето ама седете дома, пренесува Вистиномер.
Изјавата на министерот за здравство Азир Алиу во врска со штетните последици по здравјето на граѓаните од загадениот воздух во големи делови на Скопје поради пожарите во депониите Вардариште и Дрисла е контрадикторна и поради тоа недоследна:
„Мирисот којшто се чувствува е непријатен, но ве уверувам дека воздухот во моментов не е на ниво на загаденост коешто предизвикува здравствени проблеми кај граѓаните. Сепак, препорачувам граѓаните да не се движат надвор ако тоа не е неопходно“.
[Извори: 360 Степени/Тајм.мк – Азир Алиу/изјава – датум, 11.09.2025 г.]
Образложение:
Изјавата што ја рецензираме на министерот Алиу е недоследна поради самата контрадикција што ја содржи во себе и поради отсуство на поткрепеност во официјални бројки или попрецизно лоцирање на извори кои ќе ги уверат граѓаните во тоа што го тврди тој, како еден од највисоките чинители во извршната власт.
Министерот изјавата ја даде како одговор на новинарски прашања во врска со штетите по здравјето на луѓето од загадениот воздух во Скопје поради пожарите во депониите Вардариште и Дрисла, со кои во изминатите денови надлежните се обидуваат да се справат.
Изјавата содржи два дела. Во првиот Алиу констатира дека мирисот што го чувствувале граѓаните е непријатен но, продолжува тој, „ве уверувам дека воздухот во моментов не е на ниво на загаденост коешто предизвикува здравствени проблеми“.
Контрадикторноста на министерот Алиу
Проблем со овој прв дел од изјавата е во тоа што Алиу не посочува ниту еден друг параметар, ниту друг извор кој го увериле министерот дека тоа е така, за да може јавноста да верува во точноста на изјавата. Вака срочената изјава без прецизна референца на која се повикува министерот, овозможува толкување во стилот може да е тоа така, а може и да е сосема обратно. Како што на пример кажуваат засегнатите граѓани, дел од упатените лекари кои предупредуваат преку различни медиуми (види тука и тука) или специјализирани невладини организации кои располагаат со многу искуство во областа.
Второ, од јавноста, т.е. од медиумите и граѓаните, не може да се очекува да толкуваат до која мерка е штетно надминувањето на просечната мерна вредност на одредени штетни материи, на пример pm 10 или pm 2,5, споредено со дозволена мерна вредност на пречекорување на дневно или годишно ниво, ниту пак да навлегуваат во детали во уредби објавени во Службен весник кои ја регулираат материјата.
Фото: Скриншот од 12.09.2025 од интерактивната мапа на МЖСПП
Што им значи на граѓаните и онака сиромашната мапа со мерни станици за квалитетот на воздухот што се наоѓа затскриена на сајтот на Министерството за животна средина и просторно планирање или сиромашните податоци за штетни материи што функционираа на 12.09. на пример, кога е пишуван овој текст, и кога можеа да се видат просеците од неколку дена, но само на суспендираните честички pm 10 и на сулфур диоксидиот?
Фото: Скриншот од 12.09.2025 од интерактивната мапа на МЖСПП
Сето тоа е работа на извршната власт. Па така, најмалку што требаше да има до министерот за здравство е експерт од здравствената област или експерт од Министерството за животна средина кои ќе протолкуваа дека пречекорувањето од над 50 микрограми или 100 микрограми на кубен метар воздух со тие и тие честички, во тоа и тоа време е многу опасно или е малку опасно, или од која природа е опасноста. Како што, на пример, специјалистите, професорите д-р Андон Чибишев или д-р Дејан Докиќ тоа често го прават во јавноста.
Вториот дел од изјавата на министерот Алиу е само „долевање масло врз оган“ на оваа непоткрепеност во првиот дел. Што значи тоа во суштина и како граѓаните да го протолкуваат значењето на реченицата „сепак, препорачувам граѓаните да не се движат надвор ако тоа не е неопходно“, во контекст на првата реченица во која министерот уверува дека бројките укажуваат дека нема штета по здравјето? Првото со второто не оди, односно создава контрадикторност. Зошто би седеле дома, а не би се движеле надвор доколку нема штетни последици.
Визуелно и реално
Впрочем оваа непоткрепеност со реални параметри ден порано ја направи шефот на Алиу, премиерот Христијан Мицкоски, запрашан за коментар за истата тема:
Нема зголемени такви параметри што се алармантни. Тоа е визуелно така, но кога се испитувани параметрите не се така алармантни – изјави Мицкоски, нешто што може да се оцени најмалку како недоследно.
Освен утринските фотографии од Аеродром што на 12.09.2025 г. ги објави Мета.мк и други фотки од други медиуми, на недоследноста на тврдењето на Мицкоски за разликите помеѓу визуелното и реалното поради истите причини што ги наведуваме погоре и за изјавата на министерот Алиу – прецизни бројки, контекст на искажаните бројки, појаснување од стручен извор, итн. – укажува и една специјализирана граѓанска групација, Иницијативата 02, која го потсети премиерот дека има многу неодговорени прашања, меѓу кои освен за бројките и за другите токсини кои се штетни по здравјето:
Кои параметри покажуваат дека нема „аларм“ за воздухов кој го дишеме деновиве од запалени депонии и отпад?
Зошто канцерогените и токсични фурани, диоксини, PAHs, VOC, тешки метали и други опасни материи воопшто не се мерат кај нас, а ги изнадишавме.
Дали ако не се мерат – значи не постојат?
Што точно е измерено, со која методологија и кога?
Научните докази јасно велат: тлеење на стара депонија и горење отпад во урбано подрачје е сериозна закана по здравјето.
Бараме итна и експертска акција, а не релативизирање и негирање на штетните последици по нашето здравје – се наведува во реакцијата на О2 на нивната страница на Фејсбук, неколку часа по изјавата на Мицкоски.
Поради погоре наведените аргументи изјавата на Алиу, соодветно и на Мицкоски кажана ден порано може да се оценат како недоследни.
Извори:
- (11.09.2025) 360 Степени – Азир Алиу/изјава – [Проверено на 12.09.2025]
- (10.09.2025) 360 Степени – Х. Мицкоски/изјава – [Проверено на 12.09.2025]
- (12.09.2025) Мета.мк – Делови од Скопје….– [Проверено на 12.09.2025]
- (11.09.2025) РСЕ – Депониите го претвораат Скопје во…– [Проверено на 12.09.2025]
Оценил Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
