Македонската извршна власт исполнува половина од индикаторите за отвореност, заклучува најновата студија на јавна политика на  Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и регионалната мрежа на НВО-и „ACTION SEE“, во која се анализира нивото на транспарентност, отвореност и отчетност на извршната власт во регионот на Западен Балкан.

Вкупната оценка од 53 отсто е доделена за исполнување на индикаторите во областите транспарентност, пристапност, интегритет и ефикасност. Во просечната оцена се опфатени Владата, која исполнува 78 отсто од индикаторите, министерствата, кои исполнуваат 52 отсто од индикаторите и, со скромни 29 отсто,органите на државната управа.

„Според индексот на отвореност, Владата е на второ место во регионот. Гледано од регионален аспект, резултатот е многу добар, бидејќи пред две години таа беше на последно место во регионот со исполнување на индикаторите со само 52%“, забележува студијата.

Според студијата, извршните власти во регионот исполнуваат во просек 49 отсто од критериумите за отвореност. Владите во регионот во просек исполнуваат две третини  од индикаторите за отвореност, ресорните министерства исполнуваат половина, а органите на државната управа една третина.

„Во самата група на институции е забележана нееднаквост која сведочи дека прашањето за отвореност всушност зависи од волјата или посветеноста на личноста што е раководител на таа институција, а не од развиените практики и регулативи на државата. Ваквата состојба ја доведува во прашање добрата практика прифатена од одделни институции во ситуации кога се случуваат лични промени“, се нагласува во студијата.

Студијата наведува дека се очекува состојбата да се надмине со Стратегијата за транспарентност на Владата, која треба да ги утврди приоритетните области и да даде насоки за транспарентност на Владата и министерствата, како и за останатите органи на државната управа.

„Дополнително, Владата се обврза за концепт за активна транспарентност8 и отчетност на сите владини институции кон граѓаните и ја подготви и објави Комуникациската стратегија на Владата на Република Северна Македонија за 2019 – 2020 година“

Со објавување на информациите за организациска поставеност, буџетот и постапките за јавни набавки на својата веб страница Владата исполнила три четвртини од принципот на финансиска транспарентност, а во поткатегоријата „буџетска транспарентност“ е лидер во регионот…

– Но, во иднина мора да постои навременост во објавувањето на договорите за јавни набавки на интернет страницата на Владата, со оглед дека последните 6 месеци не се објавени вакви договори, а во меѓувреме дополнителни десет договори се склучени и објавени на Електронскиот систем за јавни набавки – забележуваат аналитичарите.

Владата исполнува и три четврдтини од индикаторите за пристапност до граѓаните, 83 отсто од индикаторите за принципот на интегритет и сите индикатори за ефикасност.

„Владата во иднина треба да направи „анализа на практичната примена на системот на санкции во однос на прекршување на правилата за конфликт на интереси, интегритет и анти-корупција и да се погрижи дека санкциите се ефикасни, пропорционални и одвратувачки. На интернет страната на Владата не е објавен план за интегритет или каква било друга внатрешна политика за борба против корупцијата (која вклучува мерки за превенција и елиминација на различни форми на коруптивно и неетичко однесување во самата институција)“, забележува студијата.

Македонските министерства во просек исполнуваат половина од индикаторите за отвореност. Овој резултат е приближно ист со нивото на отвореност на министерствата во повеќето земји во регионот. Најлабо рангирано е Министерството за култура со вкупна оценка од 23 отсто, а најотворени се Министерството за информатичко општество и администрација (68%), Министерство за внатрешни работи (66%) и Министерството за одбрана (64%).

Министерствата исполнуваат две третини од индексот на транспарентност половина од индикаторите за пристапност и 43 отсто од индикаторите за интегритет.

„Само 9 министерства ги објавуваат анкетните листови на функционерите на својата веб страница, или поставиле линк до Државната комисија за спречување корупција, каде согласно законот се објавуваат анкетните листови. Ниту едно министерство на својата веб страница нема објавено план за интегритет или каква било друга внатрешна политика за борба против корупцијата (која вклучува мерки за спречување и елиминација на различни форми на коруптивно и неетичко однесување во институцијата)“, утврдиле аналитичарите.

Министерствата најслабо ги исполнуваат индикаторите за ефикасност со 37 отсто.

Отвореноста на другите извршни органи е на ниско ниво во сите држави во регионот и варира од 26 отсто до 43 отсто исполнување на индикаторите. Отвореноста на извршните органи во Македонија е оценета со 29 отсто исполнување на индикаторите.

Поединечно, анализирани по областите во четирите поткатегории на индексот на отвореност, тие исполнуваат 39,4% од индикаторите на транспарентност, пристапност со само 20%, индикаторите на ефикасност ги исполнуваат со незначителни 7% и екстремно е ниско исполнувањето на индикаторите на интегритет од 3%.

Студијата забележува дека државната управа воопшто не објавува информации за обуки за спречување судир на интереси и корупција, каква било друга внатрешна политика за борба против корупцијата, а недостасуваат и информации поврзани со мониторинг, евалуација и извештаи од нивната работа. Институциите имаат слаба интеракција со граѓаните и мал обем на информации од јавен карактер објавени на интернет страниците.

„Со само 13% исполнување на индикаторите за интеракција со граѓаните, органите треба сериозно да ги разгледаат можностите за воспоставување процедура за прием на поплаки и забелешки од граѓаните поврзани со нивното работење преку онлајн услуга“ стои во студијата.