fbpx

Извршителите протестираат бидејќи нема да заработуваат милиони (инфографик)

-

Незадоволни од определбата на Владата да ја стави заработувачката на извршителите во некакви нормални граници, денеска тие го затворија канцелариите во знак на протест против новиот тарифник со кој се предвидува намалување на наградата при извршување на парични побарувања од граѓани од 1.000 на 300 евра.

Претседателот на Комората на извршители, Зоран Димов преку соопштение до јавноста наведе дека остануваат на одлуката од 23-ти овој месец со која изразуваат незадоволство со предлогот на надлежното Министерство за правда за корекција односно намалување на тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите.

„Особено Собранието на извршителите изразува незадоволство за повторното намалување на тарифата во тековнава година, а исклучиво од причина што со таквиот предлог извршителските канцеларии се доведуваат во финансиска несолвентност“, пишува во соопштението.

ПРОТЕСТ НА 97. „ВЕЛИЧЕНСТВЕНИ“

Повеќе од една година трае „битката“ меѓу извршителите и Владата, а по владината одлука да се намалат надоместоците што се наплатуваат за извршување, пред сè кога станува збор за граѓанските постапки.

Станува збор за приватна дејност чии чинители имаат јавни овластувања, а цените за нивните услуги ги регулира државата слично како што се одредуваат цените на бензините, струјата, водата и сл.

Имено, македонското Собрание во мај 2005 година го донесе Законот за извршување, кој започна со примена на 26.05.2006 година. Со овој реформски закон се воведе приватен систем на извршување на извршните исправи од страна на извршители кои се лица со јавни овластувања именувани од страна на министерот за правда.

Според податоците од Комората на извршители, при основањето бројот на именувани извршители изнесувал 40, а денес во неа членуваат 97 извршители и 6 заменици на извршители кои се распоредени на 11 подрачја на Основните судови во Република Македонија. Тоа значи дека професијата извршител е привлечна и дека со текот на годините се зголемувала потребата од лица кои ја извршуваат оваа дејност.

Податоците на комората на некој начин ги демантираат тврдењата на извршителите дека со новите тарифи би станале несолветни односно дека не би им се исплатела работата, посебно ако се земат предвид сумите и барањата за извршување што ги реализирале. Имено, тие имаат толку многу работа, што едвај постигнуваат да завршат сè што се бара од клиентите.

НЕ МОЖАТ ДА ПОСТИГНАТ СО РАБОТА

Тоа најдобро го ислустрираат податоците за изминатите години, како и за 2018 година, кога бројот на вкупно примени барања за извршување во извршителските канцеларии изнесува 112.250 барања, додека пак завршени се 62.515 предмети. Вкупниот износ на наплатени средства од извршување кои извршителите го наплатиле во 2018 година изнесува 126.966.895 евра.

Според структура на должници, извршителите во 2018 година наплатиле најмногу парични средства од должници правни лица, поточно 78.778.108 евра, потоа од физички лица износ од 33.432.971 евра и крајно од Република Македонија износ од 15.946.914 евра.

 

Ако се земе предвид дека главна причина за денешниот протестот на извршителите  е намалувањето на наградата за извршување од граѓани од максимални 1.000 на 300 евра логично е да се заклучи дека тие се фаќаат за сламка со оглед на тоа што најголемите приходи ги добиваат од наплата на побарувања од правни лица.

ДОЛГОТРАЈНА „БИТКА“

Инаку, негодувањето на извршителите почна уште во минатата година кога Владата на 90.седница донесе одлука за законски измени со кои во постапката дури 16 ставки за кои досега граѓаните плаќаа одредена сума, со новата тарифа се целосно бесплатни.

„Со предлог-законот за изменување и дополнување на законот за извршување, воедно се имплементираат стратешките приоритети на државата определени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, особено во правец на намалување на трошоците за граѓаните во сите постапки, вклучувајќи ја и прекршочната“, соопшти тогаш Владата.

Ваквата одлука беше причина за вонредно Собрание на Комората на извршители на 27.09.2018 година на кое по анализата на објавените намери на Владата и Министерството за правда и презентираната симулација за промена на Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите се констатира дека со такви промени постапувањето по извршните предмети и надоместокот за превземените извршни дејствија ќе биде драстично намален, а во поедини точки и сведен на минимални износи.

„Тоа би довело до загрозување на функционирањето а извршителските канцеларии до степен на целосна блокада на постапувањата по извршните предмети. Овие последици ќе се одразат на функционирањето на целосниот систем на извршување во РМ кој е дел од правосудниот систем и со тоа воопшто фунционирање на правната држава и владеењето на правото. .Комората на извршители енергично реагира на најавените промени во Тарифата и нагласува дека таквата блокада на системот на извршување ќе ги наруши односите во економскиот систем, законските права и интереси на доверителите ќе ги загрози до степен на неможност за наплата на побарувањата кои се признаени со извршна исправа и во крајна линија тоа ќе значи загрозување на ликвидноста и постоењето на многу правни субјекти кои функционираат на пазарот, а ќе биде и лош сигнал за постоечките и за нови странски инвестиции’, се вели во заклучоците од тогашното Собрание.

Сепак, оттогаш до денес нема затворање на извршителски канцеларии, ниту пак иселување на извршителите, што е случај за многу други професии какви што се лекарите, програмерите, водоинсталатерите…

За оваа проблематика „Мета“ побара мислење од Комората на извршители, но оттаму до објавувањето на текстот не одговорија на нашите прашања.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...