Извозот лани зголемен за 21,8 проценти во однос на 2017 година

Вредноста на извозот на стоки од Македонија, лани изнесувал 6.907.998.000 долари и бележи пораст од 21,8 проценти во однос на истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 9.052.195.000 долари, што е за 17,3 проценти повеќе во споредба со 2017 година. Трговскиот дефицит, истиот период изнесува 2.144.197.000 долари.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Бугарија.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта.

Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата  добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.