Изворите на аерозагадување во Скопје ќе се испитуваат во лабораторијата на Универзитетот „Гоце Делчев“

Извор на фотографија: УНДП

Софистицирана лабораториска опрема, која прецизно ги анализира и утврдува поединечните извори на загадувањето на воздухот беше промовирана денеска на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Се работи за нов флуоросцентен рентген, спектрофотометар, кој се користи за хемиска анализа на елементите во аеросолите од воздухот. Со опремата со голема прецизност се добиваат резултати каква е содржината на аеросолите, со оглед на тоа дека секој извор на загадување има свој различен хемиски отпечаток. На тој начин, со лабораториските анализи ќе може да се открие учеството на поединечните извори во вкупното загадување во Скопје. Ќе бидат анализирани примероци воздух од неколку локации: Лисиче, Карпош, Волково, Хром и Гази Баба.

Новата опрема, која е една од најсовремените во светот за оваа намена, е набавена во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Скопје“, финансиран од Шведска, а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Според Кристин Форсгрен Бенгтсон, амбасадорка на Шведска, проектот е пример за соработка на повеќе региони, со оглед на тоа дека во Универзитетот во Штип ќе се анализира воздухот од Скопје. За Шведска, посочи Форсгрен Бенгтсон, е важно да се даде поддршка на земјава, особено за поглавјето број 27, кое е големо и скапо.

„Во поглед на екологијата и заштитата на околината одговорноста ја носат сите, и граѓаните и државата и граѓанските организации. Треба да се зголемува свесноста и да се воспитуваат младите генерации, а овој проект е пример и како академската заедница со својата експертиза ќе даде свој придонес“, рече Форсгрен Бенгтсон.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини посочи дека со овој проект ќе добиеме научни докази и податоци, кои ќе ни дадат насоки како да се справиме со аерозагадувањето.

„Јасно е дека едноставно решение нема. Извори на загадување се и објектите и индустријата, сообраќајот, затоплувањето… Важно е што сега точно ќе го идентификуваме нивниот удел и ќе се направат соодветни мерки“, рече Нуредини.

Ова, посочи тој, е пилот само за Скопје, но, ја засега целата земја. Инаку, Министерството веќе спроведува проекти во кои сите објекти на јавните институции ќе го сменат начинот на загревање, а целта е државата да биде пример и на тој начин да ги мотивира и граѓаните. Истовремено, информира Нуредини, министерствата за животна средина, транспорт и економија инвестираат и во гасоводната мрежа, а Министерството за економија дава субвенции за промена на начинот на затоплување на домовите, додека министерството за финансии ќе инвестира 25 милиони евра во енергетска ефикасност.

Нарине Сахакјан, постојана претставничка на УНДП, нагласи дека извештаите на Европската Унија за Западен Балкан велат дека жителите живеат со високо загадување, а некои градови се меѓу најзагадените во светот, што го става аерозагадувањето на врвот на листата на проблеми со кои се соочувааат земјите.

„Тоа е тежок проблем за решавање кој бара соработка меѓу институциите и организациите, а овој проект го постигнува токму тоа. На Универзитетот ќе анализираат примероци од воздухот во Скопје и со нивниот капацитет и знаење ќе се дојде до податоци кои се изворите на загадување на воздухот. Квалитетните информации се многу важни за да можат институциите да донесат вистински мерки“, рече Сахакјан.

Таа информираше дека во рамките на проектот, во скопската населба Лисиче, се доделува помош на 160 домаќинства од најранливите категории, за да го променат начинот на загревањето на домовите. Веќе се избрани 60 домаќинства со кои се работи на прилагодување на нивните потреби, а повикот трае до 6 април, до кога ќе се направи изборот и на преостанатите сто домаќинства.