Згурата од велешката Топилница од март идната година ќе се прочистува во три смени, за да се забрза процесот на извоз на техногената суровина. Досега, околу стотина камиони со троска заминаа за Србија и Косово, а извозот со ова темпо ќе продолжи и во следните месеци. Во овие две земји треба да се преработат околу 300.000 тони од суровината, која е проценето дека содржи шест до десет отсто цинк, помеѓу 2,2 и 3,4 отсто олово и 25 отсто железен оксид кои можат да се искористат како секундарна суровина.
Операторот „Кепс Монт Груп”, што стопанисува со олово-цинковата јаловина, со активностите за ископ, сеење, товарење и транспорт на суровината од локацијата „Баш колиби” започна минатиот месец. Ниските температури и влажното време го забавуваат процесот на просејување и одвојување на шутот од суровината, па до пролет ќе се работи со првичната динамика. Компанијата се соочува и со проблем со обезбедување напојување за машините, заради што во меѓувреме ќе мора да изгради довод за електрична енергија.
„Временските услови, но и фактот дека како навлегуваме во внатрешноста на ридот со згура наидуваме на материјал со поголема влажност, ја условува оваа динамика. Тоа што во згурата всушност има премногу шут, градежен, комунален, апарати од домаќинство и друго, не дозволува да се прескокне фазата на сепарирање. Заради тоа решивме периодот од март до октомври идната година да работиме во три смени за да се искористат временските услови и да се создаде залиха на прочистена суровина која ќе може да се извезува и во текот на зимските месеци“, објаснуваат од „Кепс монт груп“.
Од пролет, најавуваат, поголеми количини од суровината ќе се откупуваат и од компанија од Турција, која ќе ја преработува на Блискиот Исток. Првично, троската од Велес требаше да се извезува во Малезија, но оваа земја на почетокот од годината забрани увоз на отпад. Целата операција на сепарирање и транспорт на згурата ќе потрае помеѓу четири и шест години.
На локацијата „Баш колиби” во Велес како последица од работата на некогашната Топилница, на отворено, на површина од околу 33.000 квадратни метри стои црн рид со околу 1,8 милиони тони отпад. Близината до градот и околните населени места, како и до многу земјоделски површини ја прави оваа локација едно од најголемите еколошки историски жаришта во земјава, кое неколку децении чека да се најде решение. Во него, покрај цинк и олово има и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум.. Со мерењата направени во 2018 година присуството на тешките метали во велешката почва било и до 30 пати над максимално дозволените граници. Концентрациите на олово биле 201,6 милиграми на килограм, што е за 5,9 пати повисока вредност од дозволената, вредностите на кадмиумот биле најалармантни, 7,7 мг/кг, што е за 30,8, пати повеќе, а во почвата имало и зголемени количини на цинк, 230 мг/кг, што е за 2,8 пати повисоко од дозволеното. Од тие причини јавноста не само во Велес, туку и во целата земја, будно го следи процесот на извоз на троската, од што зависи почетокот на ремедијацијата на почвата, но и чистењето водите и воздухот во целиот град.