fbpx

Известувањето на Косово за време на пандемијата, искуствата од северот и југот

-

Новинарот на порталот KoSSev, Иван Митиќ, и новинарката на порталот Kallxo Дорунтина Балиу, ја информираат јавноста на Косово во текот на пандемијата на корона вирусот. Иван од Северна Митровица, Дорунтина од Приштина. Тие ги споделија своите искуства од изминативе неколку месеци за тоа каква соработка имале со институциите, со кои пречки се соочувале, околу дезинформациите, за одговорноста на медиумите…

Дали и како се смени начинот на кој работевте, односно известувавте во текот на пандемијата на корона вирусот и воведувањето на рестриктивните мерки?

Иван Митиќ (KoSSev): Пандемијата на корона вирусот го смени секојдневието на луѓето на целата планета, па, со самото тоа и работата на новинарите. Новинарската професија стана уште поризична од она што беше порано. Известувањето од терен бараше поголема внимателност, посебно во помали простории, кога за еден настан има присуство на повеќе новинарски екипи, па се случувало мерките на сигурност, како одржување растојание, речиси да е невозможно да се испочитуваат.

Од друга страна, веднaш по првите регистрирани случаи на корона вирусот на Косово, новинарите од нашиот портал ги заменија канцелариите со своите домови, па поради тоа и координацијата на активностите, како и комуникацијата во текот на работата беа отежнати. Интервјута во студио беа заменети со Скајп-интервјуа, а поголемиот дел од комуникацијата со претставниците на институциите и со другите соговорници се вршеше преку телефон или преку интернет.

Дорунтина Балиу (Kallxo): Медиумите, слично како и фирмите, се соочија со неколку промени во начинот на работење. Ограничувaњето на движењето не се однесуваше на новинарите, но имавме обврска да се придржуваме до заштитните мерки. Моравме да го намалиме обемот на работа на терен за да го намалиме контактот со други луѓе. Разликата беше во тоа што истовремено се зголемуваше обемот на работа, со оглед дека новинарите мораа да бидат во прв план во борбата со пандемијата, бидејќи имаа обврска да ја известуваат јавноста. Поради тоа што ова беше нова состојба, одговорноста исто така беше поголема.

Со оглед на тоа дека на новинарите им беше дозволено слободно движење во текот на известувањето во врска со корона вирусот, дали имавте проблеми со полицијата и со институциите додека го користевте тоа право со цел обавување на новинарската работа?

Дорунтина Балиу (Kallxo): Јас лично немав проблеми ниту имам слушнато од мои блиски колеги дека имале такви проблеми. Сепак, имаше еден пријавен случај во Северна Митровица, каде беше приведена една наша колешка од KoSSev.

Иван Митиќ (KoSSev): Она за што уште долго ќе се зборува наредниве години, кога станува збор за новинарското известување за време на пандемијата, секако е приведувањето на уредничката на нашиот портал, Татјана Лазаревиќ, во текот на теренската работа, и покрај тоа што на новинарите на Косово им беше дозволено 24-часовно слободно движење. Од друга страна, во текот на пандемијата, кога побарувачката за информации беше исклучително голема, често се случуваше да останеме без одговор од страна на претставници на институциите, а имавме и притисоци во вршењето на новинарската работа.

Морам секако да ја истакнам како пример прес-конференцијата на Кризниот Штаб во Косовска Митровица од која известував, кога претседателот на Привремениот орган на оваа општина, Александар Спириќ побара од нашиот портал да не известуваме во живо бидејќи „немаме согласност за тоа“ и ни порача дека нашиот портал не се занимава со борба против коронавирусот туку со „некакви си прашања“ кои најмногу придонесуваат за „дестабилизација“.

Ваквите изјави доведоа до реакции на новинските здруженија, како у до осуда од страна на ОЕБС, како поради приведувањето на уредничката на порталот KoSSev, така и поради начинот на кој локалната власт се однесуваше кон новинарите на KoSSev.

Косово имаше една од најстрогите мерки на забрана на движење за граѓаните, тие знаеја кога смеат да излезат надвор врз основ на претпоследниот број на својата лична карта. Имаше ли забуни помеѓу граѓаните и како изгледаше известувањето додека овие мерки беа на сила?

Иван (KoSSev): По воведувањето на полицискиот час од страна на косовската Влада, кој беше во два термина – во претпладневните и во попладневните часови, а кој не беше временски ускладен со полицискиот час воведен од страна на Владата во Белград, на северот на Косово настана општа забуна. Нашата Фејсбук страница беше преплавена со едно исто прашање – „Кој полициски час требаме да го почитуваме, кога ни е дозволено движењето?“. Се обидовме на читателите да им ги разјасниме околностите и да им ги дадеме сите информации, кaко за мeрките од Приштина, така и за оние кои во тоа време беа различни, а кои беа претставени од страна на локалните кризни штабови на северно Косово. Ситуацијата стана појасна дури откако директорот на Канцеларијата на КиМ, Марко Ѓуриќ кон срединaта на април соопшти дека на граѓаните ќе им биде дозволено движење 90 минути во текот на денот, мерка која претходно ја најави и косовското Министерство за здравство.

Дорунтина (Kallxo): Распоредот на движење навистина беше компликуван. Сепак, врз основа на она што можев да го видам и да го слушнам, граѓаните брзо се навикнаа на новите правила. Ние како медиуми исто така, се потрудивме  правилата да ги претставиме на креативен начин, како преку платформата „Твоите 90 минути“ („90 minutëshi yt“) каде граѓаните можеа да го внесат бројот на својата лична карта и ќе им се прикажеше нивното време за движење.

Каква беше комуникацијата со институциите во текот на изминативе месеци, дали тие одговараа на прашања кои им ги испраќавте и дали даваа соодветни одговори, дали ги информираа граѓаните на вистинскиот начин?

Дорунтина (Kallxo): Зависно од барањето. Можам да кажам дека комуникацијата поврзана со Ковид 19 беше навремена. Од друга страна, пак, кога стануваше збор за барањата кои не беа во директна врска со корона вирусот имаше доцнења или одбивања, со изговор дека нема доволно вработени кои работат полно работно време. Ова главно се случуваше на општинско ниво, дури и во случаите кога спроведувавме истражувања поврзани со трошоците од итните набавки поврзани со Ковид 19. Имаше уште еден проблем поврзан со соработката со институциите, посебно помеѓу мнозински српските општини и централните институции, па се случуваше да има забуни и кога се работеше за статистиката на заразените.

Иван (KoSSev): Поради недостиг на официјални информации, многу граѓани се обраќаа до нашиот портал со уште едно прашање „Кога ќе бидат отворени премините?“. По појавата на првите случаи на коронавирусот во централна Србија, беа затворени границите, но беа затворени и премините кон Косово што предизвика големо незадоволство кај народот, посебно кај оние кои живеат на северот на Косово. Одговорот на прашањето „Кога ќе бидат отворени премините?“ нашите читатели и ден денес го бараат, но, за жал, ние сè уште не можеме да им го дадеме. Од една странам поради тоа што косовската Влада ќе одлучува за отворањето на премините во јуни, а од друга страна поради тоа што нема званична потврда од Белград дека се отворени премините иако, според сведочењата на граѓаните, на терен состојбата е поинаква.

Кога зборувам за тоа дека претставниците на институциите не одговараа на нашите прашања, секако морам да се навратам на конференцијата на Кризниот штаб во Косовска Митровица кога претседателот на Привремениот орган на Косовска Митровица, на прашањето дали е можно продавниците да бидат затворени во текот на Велигден одговори така што им посака среќен празник на граѓаните, а кога беше повторено прашањето одговори дека прес конференцијата е завршена.

Среде „вонредната состојба“ падна косовската Влада, па на почетокот имаше и изјави дека е неуставна забраната за движење и дека граѓаните не би требало да ја почитуваат. Дали оваа политичка криза доведе до забуна кај граѓаните за начинот на кој би требало да се однесуваат во текот на пандемијата?

Иван (KoSSev): Граѓаните на северно Косово беа растргнати помеѓу мерките на Белград и на Приштина. Повикот, кој косовскиот претседател Хашим Тачи го упати, откако беа воведени првите мерки за ограничување на движењето во два термина од страна на косовската влада, тие да не се почитуваат, само дополнително ја искомплицира состојбата. Меѓутоа, иако мерките на косовската Влада се однесуваа на целата територија на Косово, граѓаните на северот сепак беа свртени кон кризните штабови во своите општини и чекаа тие да соопштат кои мерки ќе бидат применувани, а како што одминуваше времето, тие беа се поусогласени со приштинските мерки.

Дорунтина ( Kallxo): Сметам дека политичката криза секако придонесе за фрустрација на јавноста и за забуните во текот на првите месеци на епидемијата.

Со короната дојдоа имногу лажни вести и дезинформации во светските медиуми. Дали во косовските медиуми сте забележале лажни вести во овој период?

Дорунтина (Kallxo): Да, во текот на пандемијата имаше лажни вести. За голем дел од нив се известуваше на платформата за проверка на факти „Krypometër“ во рамките на порталот KALLXO.com. Некои од нив се однесуваа и на известувањата за првите случаи на заразата, кога сè уште немаше ниту еден случај на Косово.

KRYPOMETËR е платформа за проверка на факти формирана кон крајот на 2016 година и претставува единствена платформа на Косово која е сертифицирана од страна на Меѓунродната мрежа за проверка на факти (IFCN). Оттогаш се објавени преку 400 написи за проверка на фактите. KRYPOMETËR ги верификува јавните изјави во неколку категории: лага, полувистина и дадени ветувања кои ќе се проверуваат во иднина. Исто така, објавивме и многу написи за проверка на фактите во врска со лажни вести или со дезинформации во локалните и во странските медиуми. Ова е едноставна платформа која им овозможува на граѓаните да видат дали политичарите и официјалните лица го одржале зборот, дали ги смениле своите ставови, како и да идентификуваат лажни вести.

Иван (KoSSev): Од почетокот на пандемијата секако дека имаше многу дезинформации и препораки кои не беа во склад со струката, но и изјави на претставници на медицинската заедница – „дека вирусот постои само на Фејсбук“ и совети жените среде пандемија  „да одат на шопинг во Милано“. Мислам дека препораките на кризните штабови беа посилни од теориите на заговор за 5Г мрежата, за лечењето на короната со лук и слично.

Како можат граѓаните да ја препознаат лажната вест, дезинформацијата? Што би им советувале да имаат на ум додека ги читаат вестите?

Иван (KoSSev): Кога граѓаните читаат вести, најчесто забораваат да го проверат изворот односно на што се повикува новинарот, кој ја напишал веста. Некои ги читаат само насловите во таблоидите, кои неретко се многу фантастични, а можат да бидат делумно или сосема неточни и непоткрепени со самиот текст. Воедно читателите честопати застануваат само на еден медиум, не обидувајќи се да проверат дали и останатите медиуми дошле до истата информација што е едно од основните правила во новинарството. Помага секако и кога имате познавања за самиот медиум во кој сте ја пронашле веста, односно дали е познат по ширењето лажни вести.

Дорунтина ( Kallxo): Медиумската писменост мислам дека игра голема улога во јавното образование поврзано со дезинформациите. Мислам дека е пред сè важно да се проверат изворите (кој ја објавил веста, дали се работи за медиум, дали тој има адреса, дали веста има автор, лице, име?).  Исто така е важно да се види кој е цитиран во написот, дали е тоа мислење кое се продава како вест? Мислам дека тоа се прашања кои треба да се имаат на ум, меѓу другото.

Што е со медиумите, дали тие имаат одговорност за објавување на вакви содржини и што би требало медиумите и новинарите да превземат во врска со оваа тема?

Иван (KoSSev): Постои одговорноста на новинарот за напишаното, а таа е и поголема во време на пандемија. Сведоци сме дека во медиумите се објавувани лични податоци на заразените или на лицата кои се наоѓаа во карантинските зони, и тоа секако е неодговорно новинарство. Исто така е лош пример за новинарската струка известувањето на јавниот сервис на Косово на албански јазик – РТК, кое ѕвонењето на ѕвоната на црквата во Приштина го поврза со „борба со Ковид 19 со непотврдена руска метода“. Истата вест ја пренесоа повеќе приштински медиуми, што секако предизвика големо незадоволство како кај самите верници така и на Епархијата рашко-призренска.

Во ситуацијата во која се наоѓа целиот свет, медиумите имаат голема моќ и затоа е неопходно на граѓаните да им се пружат точни информации, кои се од интерес на јавноста. Квалитетот на медиумот се гледа во довербата на читателите. Посебно во тешки ситуации, кога, да повторам побарувачката за точна информација е неколкукратно зголемена. Во таквите моменти читателите се вртат кон медиумите на кои им веруваат, а тие стануваат своевидна огласна табла за прашања. Од нашето искуство, но и од искуството на колегите од другите медиуми, знам дека без оглед на проблемите со кои се соочуваат во редовна состојба, посетите односно читаноста на овие медиуми повеќекратно се зголемила. Колку и да прифаќаат лажни информации, кога ситуацијата е ризична, односно стресна, граѓаните точно знаат каде да пронајдат точна информација.

Дорунтина (Kallxo): Дефинитивно, покрај очигледната обврска професионално да си ја работат својата работа, мислам дека обврска на медиуите треба да се прошири и на идентификувањето на лажните вести и на известувањето за нив.

Милица Радовановиќ, Crno Beli Svet

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...