fbpx

Извештај на ЕУ: УБК била алфа и омега во државата

-

Експертскиот извештај на ЕУ нотира сериозни недостатоци во пет области: следење на комуникациите, судство и обвинителство, надворешниот надзор од независни тела, избори и медиуми, објави „А1 он“.

Во извештајот пишува дека снимките од прислушуваните разговори, според содржината, упатуваат дека се направени во просториите на националната разузнавачка служба.

„Содржината на многу од снимките упатува на индикации на незаконски активности и злоупотреба на моќта од високи владини службеници. Причините за одолговлекувањето на скандалот во Република Македонија се во концентрацијата на моќта во националната безбедносна служба (УБК) и во злоупотребата на механизмот за надзор над УБК“, се вели во извештајот на ЕУ.

Како што пишува во извештајот, според надворешен набљудувач, УБК работи надвор од својот законски мандат во име на власта за да ги контролира носителите на високи функции во јавната администрација, обвинителството, судиите и политичките противници, како последица на што се вмешува во независноста на судството и на другите национални инситуции.

„Фамилијарната поврзаност помеѓу високо позиционирани политичари и носители на високи фунцкии во УБК, како и во Јавното обвинителство, создаваат ризична средина за конфликт на интереси“, нотирано е во извештајот.

За надворешниот надзор се вели дека постои систем на парламентарен надзор во форма на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање, но никогаш не профункционира правилно.

„Членовите на комисијата не вршеа инспекции во УБК ниту, пак, прибираа статистики за следењата на комуникациите. Очигледно е дека комисијата ги нема потребните технички познавања за прибирање податоци од апаратите на УБК или од телекомуникациските оператори за да ги спореди бројот на прислушувања со бројот на издадени наредби од судот, заради воочување злоупотреба. Исто така, комисијата е спречена да врши инспекции во УБК, имајќи предвид дека од вкупно пет члена, секогаш постои еден или двајца членови кои немаат безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации како што се податоците за прислушување, што е очигледен конфликт на интереси, со оглед на тоа што сертификатот го издава самата УБК“, пишува во извештајот.

Судството и Јавното обвинителство се оценети како зависни од власта, односно постои перцепција дека во некои области и особено во поглед на случаите за кои се смета дека имаат политичка димензија или кои се предмет на интерес на политичарите, вообичаените стандарди се ставаат настрана. Експертската група била известена од неколку страни дека постои атмосфера на притисок и недоверба во судството.

Експертската група пишува и дека постои загриженост поради кривичните гонења кои произлегуваат од скандалот со прислушувањето, односно дека се селективни и се поврзани само со чиновите на создавање, стекнување, емитување и на објавување на прислушуваните разговори, но не и со многуте потенцијални кривични или на друг начин незаконски дела, откриени во содржината на самите прислушувани разговори.

За изборите се наведува дека постои загриженост за несоодветното раздвојување помеѓу државата и партиските активности, обвинувања за заплашување на гласачите, нецелосност на избирачкиот список, индиректна контрола на владејачката партија врз медиумите поради државната доминација во рекламниот маркетинг, неуспехот на медиумите да направат разлика помеѓу покривањето на државните функционери во нивните ангажмани како министри и кандидати.

Според експертската група, составот на Државната изборна комисија е исполитизиран и таа е неспособна да дејствува независно и да ги избегне политичките влијанија од сите партии.

За народниот правобранител се бара поголема самостојност и независност од власта.

За медиумите се оценува дека работат во атмосфера на страв, дека приватните сопственици и рекламатори ризикуваат политичките сили да им се одмаздат ако не ги поддржат нивните агенди.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...