Фото: Арбнора Мемети

Ако сме на час во средно школо, тогаш државава за реформите во медиумскиот сектор во изминатиов период најмногу би добила оценка меѓу тројка и двојка за она што досега е сработено. На овој начин Зоран Фидановски, новинар и член на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) ја опиша состојбата со исполнувањето на Итните реформски приоритети (ИРП) што се однесуваат на слободата на изразување, а кои ги изнесе во рамките на денешната презентација на Периодичниот мониторинг извештај од проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“ (ОМР) што го спроведува Фондацијата „Метаморфозис“.

Во делот на четири столба на ИРП, Периодичниот мониторинг извештај за периодот од 1 мај до 15 август 2020 година покажува дека медиумските реформи во јавниот радиодифузен сервис МРТ се започнати, но досега се неисполнети. „Во МРТ и во овој период на следење изостанаа суштинските реформи таа да биде вистински јавен сервис на граѓаните“, се наведува во Извештајот.

Виолета Глигороска, проектен координатор од Фондацијата „Метаморфозис“ вели дека во однос на МРТ нема суштински реформи, туку постојат иницијални активности кои се далеку од нејзино трансформирање во сервис на граѓаните. Таа посочи дека постои недостаток на кадар во јавниот сервис, особено во редакциите кои подготвуваат програма на јазиците на малцинствата во земјава.

На неа се надоврза Зоран Фидановски, кој на дебатата посочи дека неговите сознанија говорат оти на МРТ итно им требаат од 70 до 80 новинари што ќе ги засилат редакциите кои ја продуцираат радио и телевизиската програма во јавниот радиодифузен сервис. Според неговите сознанија, на МРТ и недостигаат над 150 вработени ако се земе во предвид и потребата за технички кадар.

Во однос на вториот столб, медиумските реформи во делот на владиното рекламирање и јавните пари во медиумите се делумно исполнети во текот на извештајниот период.

„Како одговор за справување со економските последици од состојбата со корона кризата, Владата додели државна помош и за националните радиодифузери еднакво како и за сите стопански субјекти. Натаму, таа му наложи на ЈП НРД да не им наплаќа трошоци за обезбедување на енергетското напојување на радиодифузни уреди за 2020 година и трошоците за закуп на деловен простор за 2020. Дополнително, Владата ги субвенционираше придонесите на сите вработени во медиумите за месеците јуни, јули и август 2020 година“, се наведува во објавениот Периодичен мониторинг извештај.

Во однос на ова, Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиумите го изнесе својот став дека владино рекламирање и трошење на јавни пари не би смеело да постои, а не пак да се регулира со закон. Тој се осврна на платеното политичко рекламирање на политичките партии, за кои Георгиевски смета дека самите медиуми ги бараат ваквите јавни пари, поаѓајќи од фактот дека медиумскиот систем во земјава е презаситен од медиуми и никогаш не функционирал на комерцијална основа.

Тој ги критикуваше и субвенциите од државниот буџет за покривање на трошоците за печатење и дистрибуција на печатените медиуми, како програма од која што досега не можат да се препознаат ефектите што ги предизвикале кај печатените медиуми. За критика се и локалните самоуправи, смета Дејан Георгиевски, кои и понатаму трошат значајни средства за купување на разни видови на медиумски услуги, особено во локалните медиуми.

Кај третиот столб од ИРП, Периодичниот мониторинг извештај констатира дека методолошки реформите се целосно исполнети. Сепак, Виолета Глигороска од Фондацијата „Метаморфозис“ вели дека проблем остануваат имателите на информации од јавен карактер, бидејќи дел од институциите во земјава и понатаму не одговараат благовремено на доставените барања за пристап до информации од јавен карактер. Притоа, главната причина за недобивање на пристап до информации е молчењето на соодветните институции на доставените барања.

Во однос на четвртиот столб од ИРП за медиумските реформи во делот на клевета и навреда, во извештајниот период нема никакви поместувања. Започнати се активности за промена на легислативата, но тие сѐ уште не се исполнети.

„Иако во претходниот мониторинг период од Министерството за правда беа најавени иницијални активности во насока на подобрување на Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда, во овој период од ресорното министерство информираа дека поради глобалната криза со корона-вирусот, Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС) ја одложила до крајот на септември изработката на анализата за примената на Законот за граѓанската одговорност за навреда и клевета“, се наведува во објавениот извештај.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.