Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека ѝ наредил на армијата да „одговори силно на кршењето на прекинот на огнот од страна на Иран“, со удари врз „режимски цели во срцето на Техеран“. Оваа изјава доаѓа откако израелската војска соопшти дека идентификувала ракети лансирани од Иран, и покрај тоа што претходно беше објавен договор за прекин на огнот меѓу двете земји, објави Гардијан.
Израел го прифати предлогот за прекин на огнот, предложен од американскиот претседател Доналд Трамп.
Сепак, ситуацијата останува тензична. Израелската војска соопшти дека детектирала нова иранска ракетна офанзива само неколку часа по стапувањето во сила на прекинот на огнот.
Иранскиот ракетен напад врз израелскиот град Бершеба резултираше со најмалку пет загинати и повеќе од 20 повредени. Три станбени згради биле тешко оштетени, а итните служби сè уште трагаат по луѓе под урнатините.
И покрај израелската изјава за прифаќање на прекин на огнот, медиуми блиски до иранската влада пренесуваат дека ракетирањата продолжиле до раните утрински часови. Иранскиот министер за надворешни работи претходно објави дека земјата ќе прекине со нападите само доколку Израел го стори истото.
Иранската државна телевизија објави дека во израелски воздушен напад извршен во текот на ноќта бил убиен нуклеарниот научник Мохамад Реза Седиги Сабер.
Според телевизијата, нападот се случил пред американскиот претседател Доналд Трамп да соопшти дека стапил во сила прекин на огнот меѓу Иран и Израел.
Сабер, кој бил под санкции од страна на САД, е втор член на неговото семејство убиен во последните неколку дена, неговиот 17-годишен син наводно загинал во претходен напад врз нивниот дом во Техеран.
Израелската влада претходно официјално потврди дека го прифатила предлогот за прекин на огнот, посредуван од американскиот претседател Доналд Трамп. Во соопштението се наведува дека операцијата „Издигнат лав“ успешно ги елиминирала „двата егзистенцијални ризика – нуклеарната и балистичката закана“.