Израел продолжува со своите воздушни напади врз Либан. Според министерството за здравство на Либан, околу 100 граѓани биле убиени во вчерашните напади, а најмалку има најмалку 1.000 убиени и 6.000 повредени во последните две недели, пренесува Гардијан.
Израел утринава за првпат од 2006 година го бомбардираше центарот на Бејрут, иако уште нема официјално преземено одговорност за нападот.
Хамас потврди дека својот лидер во Либан, Фатех Шериф Абу ел-Амин, бил убиен во нападите на Либан. Дополнително, Народниот фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП) соопшти дека тројца од своите водачи биле убиени во напад. Хезболах соопшти дека Набил Каук, вториот највисокорангиран член на советот на своето воено крило, бил убиен во нападите. Овие убиства доаѓаат откако во саботата беше убиен Хасан Насралах, лидерот на Хезболах. Каук е седмиот високорагниран член на Хезболах убиен во последните десет денови.
Дополнително, Израел соопшти дека извршиле напади врз воени цели на Хути, како одговор на напади од јеменската организација врз Израел. Според министерството за здравство на Јемен, најмалку четворица биле убиени во нападите на Израел.
Портпаролот на Националниот совет за безбедност на САД Џон Кирби изјави дека израелските воздушни напади во Либан ја „уништиле“ командната структура на Хезболах, но тој предупреди дека групата веднаш ќе работи на тоа да ја обнови истата. Американскиот претседател Џо Бајден во неделата рече дека наскоро ќе разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Бајден смета дека мора да се избегне сеопфатна војна на Блискиот Исток. Началникот на генералниот штаб на израелските одбранбени сили изјави дека нема да престане со своите напади врз Либан.