Полицијата ја контролира зоната околу џамискиот комплекс Ал Акса

Израел го отвори комплексот на џамијата „Ал Акса“ за муслиманите, кој вчера беше затворен поради обид за убиство на еврејски активист и убиство на осомничениот за нападот.

Улиците на источен Ерусалим утринава се мирни, во пресрет на петочната традиционална попладневна муслиманска молитва. Портпаролката на полицијата, Луба Самри, соопшти дека поради можни немири, влез во џамијата ќе биде дозволен само на лица постари од 50 години.

Дополнителни полициски сили се распоредени околу џамискиот комплекс „Ал Акса“ во срцето на Стариот град, а според локалните медиуми, околу 3.000 полицајци патролираат во околината.

Џамијата „Ал Акса“ првпат беше затворена по неколку децении, а портпаролот на палестинскиот претстедател Махмуд Абас го осуди ваквиот потег, означувајќи го како израелска „објава на војна“.

Израел вчера наутро го затвори комплексот „Ал Акса“ за сите посетители, и Евреи и муслимани, по инцидентот кога маж на мотоцикл се обиде да го убие еврејскиот ултранационалист Јахуд Глик, кој се бори за правото еврејските верници да се молат во комплексот „Ал Акса“ во Стариот град.

Неколку часа по инцидентот, израелската полиција ја опколи куќата на осомничениот Палестинец, кој загина во престрелката.

Официјалната страница на Хамас го идентификуваше убиениот како Моатаз Хеџизи (32), кој една година минал во израелски затвор, од каде бил ослободен во 2012 година.