Портпаролот на израелската армија за медиумите на арапски јазик, Авихај Адраеи, издаде нова наредба за евакуација на жителите на Тир, петтиот по големина град во Либан, во пресрет на најавени напади, пренесува Гардијан.
„Итно предупредување до жителите на градот Тир, вклучувајќи го и христијанскиот кварт, како и камповите и околните населби“, напиша Адраеи, повикувајќи ги жителите на јужниот либански град „веднаш да се евакуираат“ и да се упатат северно од реката Захрани.
Според Адраеи, нападите ќе бидат извршени бидејќи Хезболах го прекршил договорот за прекин на огнот и продолжува да ја загрозува „израелската територија“. Сепак, ваквите напади, кои се случуваат речиси секојдневно, често резултираат со цивилни жртви и уништување на цивилна инфраструктура.
Повеќе од еден милион луѓе се раселени поради обновените израелски воени операции во Либан, што предизвика бегалска и хуманитарна криза. Масовните наредби за евакуација ги принудуваат луѓето да ги напуштат своите домови, често со многу краток рок или без претходно предупредување. Голем дел од нив се соочуваат со недостиг од основни услови за живот, вклучувајќи храна, засолниште, здравствена заштита и други основни услуги.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) тврдат дека нивните активности се насочени кон неутрализирање на заканата од Хезболах за северен Израел. Во рамки на тие операции, израелската војска урива домови, контролира делови од јужен Либан и изведува напади врз градови и села.
Иран, кој со децении го поддржува и финансира Хезболах, порача дека нема да биде постигнат мировен договор со САД сè додека Израел не ги запре нападите во Либан, не само во Бејрут туку и во јужните делови на земјата.
Либан беше вовлечен во конфликтот откако Хезболах на 2 март истрела ракети кон Израел, наведувајќи дека тоа е одмазда за американско-израелската ликвидација на поранешниот врховен лидер на Иран.
