Израелските и палестинските власти се подготвуваат за размена на израелски заложници и палестински затвореници, која според мировниот договор треба да се спроведе до понеделник напладне, објави Гардијан.

Според договорот, Хамас треба да ги ослободи сите живи заложници во рок од 72 часа од потпишувањето на примирјето.

Истовремено, Израел ќе ослободи околу 2.000 палестински притвореници, од кои најголемиот дел ќе бидат испратени во Газа или во соседни земји.

Во понеделник, американскиот претседател Доналд Трамп ќе пристигне во Ерусалим, каде што ќе одржи говор и ќе се сретне со семејствата на заложниците.

„Сите се уморни од војната“, изјави Трамп, додавајќи дека постои „консензус за напредокот“ на мировниот процес.

Размената на заложници и затвореници е првиот чекор од мировен план на Трамп за трајно решавање на конфликтот. Иако прекинот на огнот е на сила од петок, голем дел од деталите на планот допрва треба да се договорат.

Во Израел се вршат подготовки за прием на заложниците, кои ќе бидат однесени во воени бази за медицински преглед, а потоа во болници. Израелски болници веќе спроведоа вежби за прием на ослободените.

Во меѓувреме, палестинските семејства на Западниот брег и во Газа се подготвуваат за враќање на своите најблиски. Израелските власти им порачаа на семејствата да избегнуваат големи прослави и медиумски настапи.

Паралелно со размената, ќе започне и голема хуманитарна операција во Газа. Израелската агенција „COGAT“ соопшти дека во наредните денови во Газа ќе влегуваат околу 600 камиони дневно со хуманитарна помош, што ќе ги врати испораките на предвоено ниво. Обединетите нации најавија дека 170.000 тони храна, лекови и други потребни материјали се подготвени.

Помошта во Газа ќе биде координирана од Обединетите нации, откако израелските власти со месеци ја блокираа нивната работа и ја заменија со приватната Фондација за хуманитарна помош во Газа (GHF), чие функционирање беше жестоко критикувано поради хаосот и смртните случаи при распределба на помошта.

САД најавија и испраќање на 200 воени советници во Израел, кои ќе помогнат во воспоставувањето на Цивилно-воена координациска група (CMCC) за стабилизирање на состојбата во Газа.