Израелскиот министер за одбрана изјави дека Израел бара поддршка од Доналд Трамп за одобрување на плановите за протерување на Палестинците од Појасот Газа, објави Гардијан.
На конференција во организација на медиумите „Ynet“ и „Yedioth Ahronoth“, Кац изјави дека без ваквата миграција нема трајно решение за Газа. Тој изјави и дека израелската влада е „организирана и подготвена да ги изнесе по море, по воздух, на секој можен начин“.
Трамп разговараше за преземањето на Појасот Газа од страна на САД на почетокот на 2025 година кое би вклучувало отстранување на Палестинците од територијата, но оттогаш се повлече од идејата. Мировниот план од 20 точки што Белата куќа го изготви минатата година не повикуваше на депортација на Палестинците, чин што би се сметал за етничко чистење.
Кац, сепак, во средата изјави дека верува оти поддршката од САД би можела да го промени регионалното мислење. Тој рече дека одобрението на Трамп е клучно за да се убедат соседните земји да прифатат палестински иселеници.
Коментарите доаѓаат за време на конкурентна изборна сезона во Израел, во која премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговите десничарски сојузници бараат построги мерки против Палестинците.
Нетанјаху во средата посети израелска воена база во близина на жолтата линија во Појасот Газа. Израел изјави дека нема да се повлече од таа линија сè додека Хамас не се разоружа.
