Изработката на новите наставни програми за првачињата е во завршна фаза, соопшти МОН

Фото: Aaron Burden, Unsplash

Учениците од прво одделение новата учебна година ќе ја започнат со целосно нови наставни програми согласно новиот концепт за основно образование чија изработка е веќе во завршна фаза, а веднаш по нивното усвојување ќе следат обуки за наставниците, кои ќе се реализираат преку три модули во текот на мај, јуни и август, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).

„Наставните програми се очекува да бидат усвоени и јавно објавени во петок, по што ќе се пристапи кон обуки за наставниците за начинот на имплементација. Во текот на целиот процес на изработка на програмите, се консултираат експерти од области на коишто се темели новата Концепција, како родовата еднаквост, инклузивноста и мултикултурализмот, а внимание се посветува и на изнаоѓање соодветни начини за презентирање на важноста и пристапот на учениците кон одредени прашања како заштита на животната средина, почитување на правата, развивање на одговорност и слично“ велат од МОН.

Притоа, оттаму додаваат дека програмите треба да обезбедат поголема видливост на интеграцијата, односно да овозможат реализација на сродни теми од различни наставни предмети во текот на исто одделение, со цел да се синтетизираат различни перспективи за предметот секаде каде што е можно, преку одредени можни содржини и активности за нивна реализација.

„Така на пример, доколку една од темите во прво одделение е „Кој сум јас?“, по предметот Општество ученикот ќе учи за своите особини и умеења и за тоа што може, а што не може да прави, преку предметот Природни науки овие знаења ќе ги поврзува со изучување на надворешните делови на своето тело и грижата за сопственото здравје, додека на часовите по Физичко и здравствено образование ќе истражува и вежба како може да се движи и да прави едноставни вежби“ појаснуваат од МОН.

Исто така, со новите програми, наставникот добива целосна автономија при креирањето на активности и изборот на наставни материјали со кои ќе ја прилагодува наставата кон одделни ученици или групи на ученици со цел постигнување на тоа што е поставено со резултатите од учењето. Тука спаѓаат компетенциите кои произлегуваат од подрачјето со кое наставниот предмет има директна врска, како и трансверзалните компетенции кои треба да бидат вклучени во повеќето наставни програми (на пример Дигитална писменост и Техника, технологија и претприемништво) или во сите наставни програми (на пример Личен и социјален развој), со што се овозможува холистички пристап во наставата и целосен развој на ученикот.