Изолацијата дополнително го зголеми ризикот за семејно насилство

-

Мерката за ограничување на движењето што голем број на влади ширум светот ја воведоа во своите држави се со цел спречување на ширењето на Ковид-19 предизвика дополнителен ризик за жртвите на семејно насилство. Карантинот ги принуди жртвите на семејно насилство да бидат во постојан контакт со насилникот. Воедно, се намалува изборот и начинот на кој тие може да комуницираат со надворешниот свет и да побараат помош.

Од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) предлагаат усвојување и извршување на мерки кои ќе бидат прилагодени на потребите на жените кои претрпеле семејно насилство, а не применување на генерални мерки.

„Предлагаме да се усвојат измени и дополнувања на одредбите за ограничување на движењето на населението, со цел жените кои претрпеле семејно насилство да смеат да го напуштат домот и да се обратат за помош во надлежните институции. Воедно предлагаме да се преземат активности во врска со информирањето на населението преку традиционалните и социјални медиуми, каде што ќе се зборува за влијанието на мерките за ограничено движење врз семејното насилство и ќе се упатат жртвите каде можат да се обратат за помош и заштита (СОС линии, онлајн платформи за советување, гостувања на ТВ од страна на полиција, ЦСР)“ – велат од здружението.

Тие исто така потенцираат дека судовите мора да ги информираат сите жени кои претрпеле семејно насилство, за одложените судски постапки и за динамиката и начинот на нивно разрешување. Сметаат и дека треба да има зголемување на финансиската поддршка за граѓанските организации кои обезбедуваат директни услуги за жените кои претрпеле семејно насилство.

Податоците од Балканот и светот покажуваат дека има пораст на пријавите за семејно насилство. Па така, во Црна Гора во март, Националната СОС линија за жртви на семејно насилство забележала пораст од 20 проценти во бројот на повици. Координаторката за Никшиќ, Наташа Меѓедовиќ изјави дека само во една недела имале 69 повици, што не било изненадувачка појава во време на домашна изолација.

„Оваа мерка негативно влијае на лицата кои се жртви на насилство и ја влошува нивната состојба“ – изјави Меѓедовиќ, за ТВ ЦГ.

Освен во Црна Гора, и податоците од Хрватска покажуваат дека само за 24 часа, односно на 18 март, полицијата евидентирала вкупно 34 случаи на насилство.

Пораст на случаите за семејно насилство во време на карантин, има и во Франција, а тоа го потенцираше и францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер. Пријавите за семејно насилство низ целата земја скокнале за повеќе од 30% откако земјата прогласи карантин на 17-ти март.

Кристоф Кастанер откри дека само во Париз, случаите се зголемени за 36 проценти. Поради овие причини, француската влада ќе воведе нови мерки за да им овозможи на лицата за побараат помош за време на карантинот.

„Секоја жртва ќе може да побара помош кога ќе оди во аптека“ – изјави францускиот министер.

Француските власти објавија дека ќе го плаќаат хотелското сместување за жртвите на семејното насилство и ќе отворат привремени центри за советување, откако е забележан голем пораст на насилството во првата седмицата од прогласувањето на карантинот поради епидемијата на коронавирусот во земјата.

Министерката за родова еднаквост, Марлен Шиапа, најави дека ќе бидат отворени дваесеттина центри во продавниците, за да можат жените да навратат и да се советуваат додека купуваат намирници. Владата, исто така, најави милион евра за здруженијата коишто им помагаат на жртвите.

Франција веќе ги има една од највисоките стапки на семејно насилство во Европа. Секоја година, околу 219.000 жени, на возраст од 18 до 75 години, се соочуваат со физичко или сексуално насилство од сегашни или поранешни партнери, но само 20% го пријавуваат тоа. Според официјалните бројки, една жена ја убива партнерот или поранешниот партнер на секои три дена.

Шпанија воведе сличен начин на алармирање за физичко и сексуално насилство преку шифра. Тие преку кампањата „Против семејно насилство, ‘Маска 19’“ им овозможуваат на жените да пријават семејно насилство во најблиските аптеки.

„Оние кои стравуваат за нивниот физички, психолошки и/или сексуален интегритет, како во непосредна близина на семејството, така и на улица, можат да пристапат до аптека и да побараат „Маска 19““, пренесуваат шпанските медиуми.

За ширење на оваа мерка за предупредување, аптеките ќе постават информативни знаци на истакнати места.

„Колективниот предизвик е да се ограничи кривата на коронавирусот, без да се предизвика насилство врз основа на пол“, рече Кика Фумеро, директор на Канарскиот институт за еднаквост. Таа изрази голема загриженост дека карантинот во домовите на жртвите значел 24-часовна кохабитација со агресорите.

Според статистиката на Националната коалиција против семејно насилство, во просек, 20 луѓе во една минута се физички нападнати од својот партнер во САД. Една од четири жени и еден од девет мажи имаат претрпено физичко и/или сексуално насилство од партнер што има последици како повреди, страв, посттрауматско стресно нарушување, убиства, зараза од сексуално преносливи болести, и т.н.

Шест пријави за врсничкo насилство од почетокот на учебната година

Секогаш постои простор за унапредување на системската поддршка и грижата за менталното здравје на учениците. Секоја генерација има свои предизвици во училиштето и надвор од него. Дел од нив...