[Рецензија: ПОЗДРАВ ОД ЌЕРКАТА НА ПРЕМИЕРОТ: Додека нашите деца пpeживувaaт на лeкoви поради загадувањето, ќерката на премиерот ужива на 3.249 метри надморска височина!]

Написот не избира средства и начини како да го нападне премиерот Зоран Заев. За тоа дури користи и членови на неговото семејство. Заради одредена пропагандистичка цел, написот измешал загадување на воздухот, болни деца, државни пари, со премиерот Зоран Заев и неговата ќерка.

Нема никаква поврзаност помеѓу големото загадување на воздухот, кое е факт, и одморот на премиерот со семејството во Германија. Се прави паралела само за да се зајакне негативното чувство на читателот кога го чита текстот, а во реалноста тоа се две сосема одвоени теми. Уште повеќе, за да се зајакне негативното чувство кај читателот, во написот на крајно тенденциозен и манипулативен начин е искористена фотографија од профилот на ќерката на премиерот Зоран Заев на социјалната мрежа „Инстаграм“.

Линк до оригиналниот напис: ПОЗДРАВ ОД ЌЕРКАТА НА ПРЕМИЕРОТ: Додека нашите деца пpeживувaaт на лeкoви поради загадувањето, ќерката на премиерот ужива на 3.249 метри надморска височина!

Датум и време на објавување: 20.1.2019

Датум на рецензирање: 24.1.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Со текстот се дезинформира јавноста дека ќерката на Заев отишла на зимување на државна сметка. Ова обвинување е паушално нафрлено. Нема никаков доказ, кој би можел да потврди дека е направена злоупотреба на пари од државниот буџет, што е казниво според Кривичниот законик. Медиумот, едноставно, си донел заклучок дека тоа е така без да наведе како стигнал до тој заклучок. Ниту, пак, има каква било потврда која би му дала легитимитет на таквиот заклучок.

Написот ѝ пласира на јавноста ваква дезинформација, иако претходно од владината прес-служба го најавија зимскиот одмор на Заев со семејството, за кој потенцираа дека ќе се реализира во приватен режим.

Претседателот на Владата е во приватна посета на Германија и користи слободни денови. Сите трошоци за авионски билети, хотелско сместување и сè поврзано со престојот се целосно во приватна режија покриени од страна на премиерот Заев. Со премиерот, во согласност, со законите по службена должност е присутно и обезбедување – гласи потврдата што ја добил „Фактор“ од прес-службата на Владата.

Се разбира, од досегашното долгогодишно искуство со злоупотреба на буџетски средства од државни функционери, кое Македонија го искусила, новинарите мора секогаш да бидат будното око на јавноста и да истражуваат дали некој функционер користи државни пари за приватни цели. Но, ако се открие ваков случај, треба да се изнесат и аргументи, кои би го поткрепиле тврдењето. Во спротивно, станува збор за лага и клевета само за да се оцрни угледот на некоја личност и таа на јавноста да ѝ се претстави во лошо светло.

Вакви паушални обвинувања и шпекулации без докази, со кои се прекршува Кодексот на новинарите и тоа уште во првиот член, кој вели дека „новинарот треба да објавува точни, проверени информации“, не само што му штетат на медиумот туку го нарушуваат угледот на новинарството како професија.