Во текот на изминатото деноноќие при сообраќајни контроли на територија на град Скопје изречени се вкупно 275 санкции, информираше Министерството за внатрешни работи.
Полициските службеници изрекле 67 мерки за непочитување на брзина на движење, 16 за возење без возачка дозвола, 11 санкции за возење под дејство на алкохол, девет за технички неисправни и нерегистрирани возила и 13 мерки за користење на мобилен телефон.
Воедно, изречени се пет санкции за минување на затворен семафор (црвено светло), седум санкции за некористење сигурносен појас и 56 мерки за непрописно паркирање.
Исто така, во текот на вчерашниот ден, Мобилната единица за безбедност во сообраќајот на патиштата санкционирала 75 возачи при зајакната акциска контрола за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената на автопатот Гевгелија – Куманово. Од нив, 12 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со брзина над 70 километри на час повеќе од дозволеното.
Од МВР најавија дека ќе продолжат сообраќајните контроли и во наредните денови. До граѓаните апелираат да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот.