Организирање на првата конференција за Гејм Дизајн од светски размери, издадени три големи игри, документарец за игра, неколку Гејм Џемови со повеќе од 30 изработени игри, повторно организирање на најголемиот Е-Спорт настан во Македонија А1 Гејм Фест 2025. И дополнително, формирање на првата организација што ги пласираат перспективите и присуството на жените во гејминг индустријата позната како „Гејм Дивас“. Македонија изминатата 2025 година на гејм дизајн полето и гејминг индустријата ги направи своите најголеми успеси и чекори. Во 2025 година работите што се случуваа одвреме-навреме, почнаа да личат на екосистем што се гради со примери, со големи собири и со нови појавени лица кои ја туркат приказната напред.

Долго време домашната гејм-дизајн сцена повеќе беше приказна со потенцијал отколку приказни со резултати. Три видеоигри, од која едната се чекаше со години, од неколку аспекти, со една од главните причини дека го носи името на главниот град на државата „Skopje ’83“. Другите две се тотално „инди игри“ направени од ентузијасти од своите домови, креирани со многу љубов и страст за правење на видеоигри. Играта „Shtrek“ платформер креиран од само еден човек, и „Chasmal Fear“ направена од двајца браќа од Охрид кои се и првите луѓе што направија гејминг документарец за својата игра.

„Shtrek e мојата прва игра што ја имав направено сам, не за некое студио. Не знаев точно во што влегувам во моментот кога почнував. Крајниот продукт што мојата игра може да се најде на Steam е неописливо, но сепак за следна игра би размислил дали би ја пласирал повторно сам или со помош на издавач“, вели Бојан „Крапверк“ Николов за Мета.мк.

Од Македонија е многу тешко да се издаде игра на кој било начин и на која било платформа. Проблемите се подеднакви, доколку барате издавач што сакате да бидете под нивно водство и тој да ви ја пласира играта, или ќе одите низ целиот процес самите да ја пласирате својата игра на сите платформи. Мислењата се целосно поделени од тоа дали луѓе сакаат да останат целосно „Инди“ или би сакале да бараат помош од издавачи.

Долги и тешки години на чекање и правење имаат резултат на огромен успех

Игра почната само како идеа од неколку луѓе од инди тимот на „Dark-1“, редок гејминг продукт поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој, и подоцна целосно поддржана од светски издавач „PM Studios“ е пример како финалниот резултат има огромен успех.

Skopje ’83 е редок момент кога Скопје не е само заднина, туку идеја. Играта го зема градот и го претвора во алтернативен свет со естетика од стрип, и целта е да го спасите градот во рок од 7 дена. Во таа мешавина, ’83 не е само бројка во наслов, тоа е сигнал дека авторите не бегаат од локална атмосфера туку ја користат како потпис“.

За домашната индустрија, важна е практичната страна од играта дека ова е проект што поминал низ многу патеки и стигнал до целосно издание на големи платформи, со издавач. И најважно, игра со целосна локализација што вклучува македонски јазик. Ова е првата игра што има излезено од Македонија каде што можат да се најдат музика на македонски јазик како химната на „Златно Славејче“, песни на Игор Џамбазов, но и гласовни актери коишто се од Македонија, иако зборуваат на англиски за да ги разбираат сите.

Првата конференција за Гејм дев во Македонија од светски размери

Во далечната 1988 година познатиот гејм дизајнер Крис Крафорд решава дека ќе ја организира првата конференција која тогаш била позната како „Конференција за развивачи на компјутерски игри“, во својата дневна соба. Како поминуваа годините конференцијата станува „Game Developers Conference (GDC)“ што денес е најголемата конференција со преку 1000 говорници од 100 земји, и над 30.000 посетители.

Насекаде низ светот има Гејм дев конференции што се познати од сите дизајнери кои секоја година се борат да стигнат на тие места и да ги пласираат своите игри. Затоа во Македонија во 2025 година официјално се направи првата Гејм дев конференција позната какоGame Dev Rev“.

Со повеќе од 40 говорници на три панели симултано, над 30 штандови со прикажување на инди игри од земјава и регионот, и вмрежување со едни од највлијателните луѓе од гејминг индустријата, во Македонија се случи светски настан. Посетителите можеа да ги слушнат говорите на лица како Кејт Едвардс која во гејминг индустријата е повеќе од 35 години и се бори за мали земји како нашата да излезат повеќе на мапата. Дополнително говорниците беа луѓе од PlayStation, Atari, Unity и многу други.

Со оваа конференција официјално станавме и членка на Европската Федерација за развивање на игри коишто во голема мера ќе им помогне на сите гејм дизајнери своите игри полесно да ги пласираат на сите платформи.

Пласирање на жените во Гејминг индустријата преку „Гејм Дивас“

Со помош на „Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри“ (Macedonian Games Industry Association), во Македонија се формираше организацијата позната како „Game Divas“ (Гејм Дивас) што ги пласира перспективите и присуството на жените во гејминг индустријата. Организацијата го формираше проектот „Game Divas: Empowering Women in the Gaming Industry“ со регионалните партнери од Западен Балкан.

Со финалниот панел „Game Divas“, одржан во Скопје во рамки на Game Dev Rev 2025, беше најавено дека индустријата во текот на наредните години ќе претпри големи промени. Во светски познатите студија, статистиките покажуваат дека 25 отсто од сите вработени се жени, според Европската Федерација за развивање на игри.

Во Македонија таа бројка е помала. Главната причина е што нема многу студија за гејм дизајн, но нема ни многу жени што работат на инди игри. Со помошта на Гејм Дивас работите треба да се променат. Треба да започнат да се формираат и студија каде што Извршни директори ќе бидат жени, но и многу повеќе жени како гејм дизајнери.

Во 2026 година логично е очекувањата да бидат повисоки, затоа што 2025 веќе постави темпо и креираше еден скелет за како треба да се прават работите. Ако првата Game Dev Rev успеа да донесе силна посетеност и да го спои локалниот талент со регионални и меѓународни контакти, следниот чекор е природен да биде поголемо.

„Јас сè уште не можам да опишам што направивме со ланската конференцијата и сите работи што ги направивме со МГИ. Исто така сè уште не можам да зборам убаво за сите работи што ги спремаме за следнава година и годините што следат, но можам да кажам дека со тоа што ги поминавме детските болести, повеќе можеме да возиме колку сакаме. Доаѓа Гејм Џем Скопје 2026, ја најавивме следната Гејм Дев Рев конференција, наше е само да ги мотивираме и поттикнуваме гејм дизајнерите да прават игри. Нормално мотивираме и со зборови но и со финансии“, вели за Мета.мк Гораст Цветковски, претседател на Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри.