Измамници со криптовалути промовираат лажни написи од „Форбс“ преку огласи на „Фејсбук“

Facebook transparency tools reveal that a cooking themed page is used as platform for ads by scammers.

Измамници кои како мамка користат лажни написи од списанието „Форбс“ и анти-ЕУ дезинформации продолжуваат со кампањата насочена кон корисниците на Фејсбук од Европа, предупредува Фондацијата „Метаморфозис“ во изјава објавена во Скопје на 28 мај.

Метаморфозис е организација од граѓанското општество од Северна Македонија која промовира дигитални права (човекови права во дигиталната сфера) и медиумска писменост. Резултатите на мониторинг на социјалните мрежи укажуваат дека организирани криминални групи продолжуваат да користат огласи на Фејсбук маскирани како линкови од угладниот веб-сајт Forbes.com. Ваквата активност се надоврзува и ги засилува трендовите за дезинформирање во кои предмет е Кина, како и членки на Европската Унија како Шведска.

Примерок од огласи на Фејсбук кои промовираат лажен напис од Forbes.com, кои всушност наместо на веб-сајтот на „Форбс“ водат кон веб-сајтови контролирани од измамници. Извор на фотографија: Мета.мк.

На 19 мај, Министерството за внатрешни работи на РСМ ги предупреди граѓаните дека измамнички мрежи ги користат социјалните мрежи и е-пошта да дистрибуираат линкови кои лажно се претставени дека водат кон Forbes.com, а всушност водат кон написи со кои се промовира купување наводни кинески криптовалути.

Граѓаните кои би кликнале на линковите доаѓаат до страници каде што им се бара да предадат лични податоци. Измамниците потоа ги користат тие лични податоци да им се јавуваат телефонски со цел да ги убедат да почнат со „инвестирање“ во криптовалути, при што првата рата е 250 долари. Сумата со тек на време се зголемува додека жртвите, преку разни техники на манипулација, се убедуваат да „вложат“ многу поголеми суми.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика (СККДФ) при МВР укажа дека злонамерните линкови всушност водат кон веб-сајт хостиран во Украина, наводно во сопственост на руски граѓанин. Начинот на оперирање на оваа мрежа е сличен на разоткриената криминална шема за криптовалути OneCoin, водена од бугарската измамничка Ружа Игнатова, преку со измама која биле извлечени над 4 милијарди евра од жртви од целиот свет.

Активистите предупредуваат дека податоците за географскиот опфат на огласите кои ги промовираат овие постови, а кои Фејсбук ги има направено достапни за сите корисници, покажуваат дека оваа мрежа цели кон многу поширок круг корисници од границите на Северна Македонија.

Манипулативните огласи овозможуваат измамниците да соберат лични податоци од жртвите

Метаморфозис идентификуваше неколку вида слични огласи кои во моментов се активни на социјалните мрежи. Корисниците кои кликаат на овие огласи се пренасочени кон адреси од типот https://fishing2510.myshopify.com/blogs/news/dollar-faces-the-threat-of-being-displaced-by-chinadigital-currency?fbclid=IwAR3x_uvBatgzsr_wLZtDF1z5A1L7cb5F-T_-kefu36mP7n2I4dPk4jzf8N4 наместо до страниците од веб-сајтот Forbes.com.

„Преку манипулативни огласи, измамници продолжуваат да допираат до корисниците на социјалните мрежи низ целиот свет. Користејќи ги податоците кои „Фејсбук“ ги прави јавно достапни како почетна точка на истражувањата, тимот на „Метаморфозис“ откри дека истите огласи им се покажуваат на корисници во скоро сите европски земји, како и во земји од Блискиот Исток и други региони. Измамниците користат Фејсбук-страници навидум на теми од културата, дури и за колачиња, како платформа за пуштање огласи кои ги водат корисниците до веб-страници или блогови што изгледаат исто како оние за кои предупреди МВР“ – изјави Бардил Јашари, извршен директор на „Метаморфозис“.

Фондацијата „Метаморфозис“ раоти на промоција на човековите права на интернет, меѓу кои и безбедноста на децата од основањето во 2004 година. Организацијата е членка на мрежата Европски дигитални права – ЕДРИ.

„Многу загрижувачка карактиристика на овие групи на организиран криминал е што исто така користат страници кои тематски се наменети за деца и тинејџери за да ги камуфлираат своите злонамерни содржини. На пример страница претставена како заедница за популарната игра „МајнКрафт“ (со име напишано малку поинаку „Минекравт“) објавува огласи што продолжуваат да шират дезинформации за Шведска, насочени кон корисници во десетици земји – од Русија, Австрија и Белгија, до Сингапур, Катар и Обединетите Арапски Емирати“ – посочи Јашари.

Алатките за транспарентност на „Фејсбук“ покажуваат дека оваа страница на тема „МајнКрафт“ всушност се користи како средство за пуштање огласи од измамници.

Корисниците кои би кликнале на такви огласи автоматски се пренасочуваат кон страница која им нуди некакви погодности во замена за нивните лични податоци. Во случајо на огласите со дезинформации за Шведска од лажната страница за игри ова беше замаскирано преку некој вид купони за попусти.

Содржини на страница поставена од осомничени измамници која се промовира преку манипулативни огласи на „Фејсбук“.

Додека играта „МајнКрафт“ има милионска публика меѓу возраснита, таа е уште попопуларна меѓу децата на возраст меѓу 9 и 11 годинишна возраст. Оваа дезинформациска и измамничка практика овозможува децата да се навикнуваат да станат идна публика која ќе биде уште поподложна за влијание на дезинформации и измами.

Измамнициите го експлоатираат влијанието на политички дезинформации 

Оглас на „Фејсбук“ од ноември 2019 со кој се промовира измама и се засилува дезинформацијата за наводен проблем меѓу Шведска и ЕУ.

Во ноември 2019 година проектот на Метаморфозис и Евротинк „Со критичко мислење до граѓани со медиумска писменост – КриТинк“ предупреди дека организирани групи измамници ги користат воспоставените дезинформациски наративи за Шведска.

Ваквите спонзорирани постови на „Фејсбук“ особено привлекуваат луѓе кои, од страна на десничарската популистичка пропагандна машинерија во Северна Македонија, од претходно се наведени да веруваат во медиумски манипулации за разни проблеми, криминал и немири во Шведска и проблеми со ЕУ, кои оригинално ги лиферуваат медиуми блиски до Кремљ.

Написите анализирани во ноември функционираат на ист начин како актуелните измами опишани претходно. Таквите написи ширеа лажни вести дека Шведска вовела криптовалута и го отфрлила еврото.

За публикување на овие огласи кои беа насочени кон точно одредени територии, измамниците користеа низа страници на општи теми, од кои некои беа брендирани како неофицијални клубови на обожаватели на актери од западните земји, како Лијам Нисон и Ентони Мајкл Хол.

Преку објавените едукативни содржини КриТинк ги подучува локалните корисници на социјални медиуми како да се користат опциите за транспарентност обезбедени од Фејсбук за да ги видат податоците за страниците кои ги користат измамниците, со цел да укажат на сомнителните активности преку механизмите за известување до администраторите кои ги обезбедува самата платформа.

КриТинк е иницијатива поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија. Целта на ширењето на овие знаења и вештини е да се поттикне активното граѓанско учество како дел од напорите да се подигне нивото на медиумска писменост. Од особен јавен интерес е кога граѓаните алармираат и бараат реакција на „Фејсбук“ за штетни содржини како говор на омраза или измами.

со Известување од „Фејсбук“ за отстранување на оглас од сомнителна страница наменет за корисници од Северна Македонија.

По неколку недели, во текот на декември 2019 година, Фејсбук ги информираше некои од корисниците кои учествуваа во онлајн акцијата за алармирање за ваквите огласи дека ги има отстрането оние кои биле пријавени како дел од шема за измами.

Предисторија за медиумски манипулации со „Форбс“ во РСМ

Списанието „Форбс“ поради својот углед како извор на кредибилни информации од светот на финансиите, во претходните години беше дел од уште еден вид медиумски манипулации. Тогашната влада користеше државни пари во „Форбс“ да објавува огласи, односно промотивни спонзорирани написи за предностите кои земјата ги нуди за странски инвеститори.

Таквите огласи во локалните медиуми, блиски до режимот на популистичката партија на власт, беа лажно претставувани како пофални написи напишани од економските експерти од Форбс. Таквата медиумска измама беше повторувана неколку пати, на што во текот на 2014 година повеќе пати укажа „Сервисот за проверка на факти од медиумите“ основан од „Метаморфозис“ со помош на УСАИД.