Лажен профил на Фејсбук во име на Јавното претпријатие „Тетово Транспорт“ тврди дека нуди билети за 12 месеци за 145 денари. Општина Тетово и транспортната компанија го демантираа ова како невистина, пишува Порталб.мк во својата рецензија на објавата.

Во лажната објава на социјалната мрежа пишува:

„Бесплатен превоз за жителите на Тетово! Градското собрание организира натпревар во 2025 година и нуди смарт-картичка за транспорт во Тетово со важност од 12 месеци за само 145 денари! Земете нова картичка и уживајте во 12 месеци неограничено патување за само 145 МКД! Побрзајте, само 200 картички за транспорт по специјална цена од 145 МКД! Кликнете на линкот за да дознаете повеќе!”

Фото: Принтскрин од лажната Фејсбук страна ЈП „Тетовo транспорт“

За оваа објава да биде уште поубедлива, дури има и коментари од лажни профили кои пишуваат:

„- Што треба да направам за да ја добијам картичката?

-Ви благодариме за оваа промоција! Нашето семејство е во тешка финансиска состојба, а вие ни помагате да заштедиме!

-Картичката пристигна пред неколку дена и веќе ја тестирав, работи.“

Јавното претпријатие „Тетовo транспорт“ и Општина Тетово демантираат дека објавата е вистинита. Со заедничко соопштение овие две институции ги повикаа граѓаните да не подлегнуваат на измами и да ги следат официјалните информативни канали на двете институции.

„Ве известуваме дека е создадена лажна страница на Фејсбук која шири невистинити информации во име на ЈП “Тетовo Транспорт”. Ве повикуваме да не станувате жртви на дезинформации и да добивате точни информации само преку нашите официјални канали. Дополнително, ве информираме дека ЈП “Тетовo Транспорт” – Тетово не организира никакви наградни игри“, се вели во соопштението.

Институциите ги повикаа граѓаните да ја пријават секоја сомнителна страница која шири погрешни информации и да ги известат доколку наидат на ваква или слична содржина.

Годишните билети за јавен превоз во Тетово се движат од 2.500 денари до 9.000 денари, во зависност од категоријата, а се детално опишани на веб-страната на компанијата.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.