Во вторник вечерта во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје беше отворено третото издание на групната изложба „Професори и студенти“.
Изложбата е отворена од 17 до 30 јуни и прикажува дела од областа на ликовната и применетата уметност кои ги изработиле професори и студенти од факултетите и школите од Скопје, Тетово и Штип.
На оваа веќе традиционална годишна изложба претставени со дела изработени во различни уметнички техники, од сликарство, скулптура, дигитални медиуми, моден и внатрешен дизајн, фотографија и инсталација.

„Една од необичните карактеристики на оваа изложба е приказот на способноста на професорот да предизвика емоции и мисли што ќе ги надминат границите на очекуваното или секојдневното и со тоа ќе го инспирира студентот за истражување на нови хоризонти“, напиша проф Кирил Пенушлиски во воведот на каталогот на изложбата.
Дел од изложените дела претставуваат резултат на соработка меѓу студенти и нивните ментори, или пак серии на дела кои се надоврзуваат едно на друго.

Според Пенушлиски, ова обединување на различните уметнички дисциплини ја рефлектира богатата и разновидна сцена на современата македонска уметност, додека заедничката изложба на дела на професори и студенти ја прикажува и поврзаноста помеѓу академската заедница, наставниот програм и уметничкото изразување.
Организатор на изложбата е МКЦ со поддршка на Град Скопје, а учествуваат Факултетот за дизајн и мултимедија при Американскиот универзитет на Европа, Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје, Факултетот за уметност и дизајн при Интернационалниот балкански универзитет – Скопје, Универзитетот „Мајка Тереза“, Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот во Тетово.

„Оваа заедничка групна изложба може, а и треба, да отвори врата за една поголема размена на искуства, наставни програми, ликовни техники и уметнички пракси, преко што ќе се збогати ликовниот пејсаж на Република Македонија“, заклучува Пенушлиски во својата рецензија.