Изложбата „Допирот“ – идни екологии претставена на „Бела ноќ“ со силни пораки до општеството

Автобус на уметноста | Фото: Мета.мк

Во саботата, на 25-ти септември во објекот на мултимедијалниот центар „Мала станица“ беше отворена изложбата „Допирот“ – идни екологии, посветена на животната средина, како дел од програмата на 17-тото издание на „Бела ноќ“.

Концептот на „Допирот“ е дел од проектот НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ и насловува имиња на осуммина уметници кои во своите дела оддале прецизни критики на денешното општество на човекот, кој го остава својот смртоносен допир врз средината што се одразува како голема еколошка штета за планетата, живите единки и нивните живеалишта.

Уриел Олоу, Луис Хендерсон, Шарлот Проџер, Бен Риверс и Бедвир Вилијамс се пет британски уметници кои се вклучени во проектот и кои се занимаваат со уметноста на подвижните слики. На изложбата беа прикажани делата на тројца македонски уметници: Велимир Жерновски, Елпида Хаџи-Василева и Кристина Пулејкова.

Silentio Pathologia | Фото: Мета.мк

Елпида Хаџи-Василева го именувала својот проект „Silentio Pathologia“ инспирирајќи ја својата инсталација од миграциските болести, како што се средновековната чума и современиот ковид-19. Оваа инсталација вклучува ткаена свила, кожи од стаорци, кожурци од свилена буба и завеси од челичен лим. Нејзината идеја беше претставена во вид на затворена замислена лабораторија која е опколена со неколку „ѕидини“. Првиот ѕид е мрежа од свила, продолжува со кожурци од свилена буба и некаде пред влезот во центарот се наоѓа голем ѕид на препарирани кожи од стаорци кои се направени исклучиво од рециклирачки материјали. Внатре, центарот посочува за проблемот на тенденциозното или случајното ослободување на вирусите што се претвора во прецизна критика кон медицинските индустрии.

„Место на спојување“ | Фото: Мета.мк

„Место на спојување“ на Кристина Пулејкова својот фокус го оддава на миграционите проблеми со кои се соочува човекот, но и животните. Во нејзината приказна, македонската (охридска јагула) се обидува да го најде својот пат до другата јагула, која живее во реката Темза во Лондон за да го изврши природниот репродуктивен процес. Пулејкова во проекцијата користи видео, анимација и BP-видео како уметнички форми. Со помош на направени очила со стакленца кои даваат овозможуваат гледање во HD, нуди можност за момент да навлезеш во подводните живеалишта на јагулите. Од друга страна, тука е посочен и неизбежниот начин на загрозување на охридската јагула која најмногу се размножува во делот на Охридското Езеро кон западната страна, кога во 1962-та година таму беше регулиран испустот на водите во реката Дрим.

Велимир Жерновски го засега проблемот со систематското уништување на планетата, но и ја изразува својата фрустрација врз капиталот како уредување. Во својата мултимедијална инсталација користи 3Д- печатени скулптури и видео и ја нарекува „Зас црнилото“. Во темната соба претставени се космонаути како алузивни индивидуи сведени на нивната примарна функција на дишењето кое е без значителна содржина.

Во самиот кураторски текст на концептот од страна на Ана Франговска е напишана видливата вистина на невидливиот непријател – корона-вирусот произнесена преку прашањeто; „зарем не е допирот токму тој од кој сите се обидуваме да побегнеме во ерата на пандемијата?“. Што водено дава уште едно, второ значење на „Допирот“ поврзувајќи го со сигурноста и заштитата на животната средина и значење кое треба да ја поттикне еколошката свест, имплицирајќи на промени во средината.

Фото: Мета.мк

Како дел од изложбената програма на „Бела ноќ“ беа уште две изложби инспирирани од животните ситуации, со кои секојдневно се справува човекот. Во „Автобусот на уметност“, групнaта изложба која се одржи со локација на Велоштад – Транспортен центар беа изложени дела на 11 уметници изработени во најразлични форми на уметност. Делото на Доротеј Нешовски беше насловено „Со разговори“ се содржеше од едноставни скици на луѓе кои разговараат во автобус. Беа поставени и слушалки преку кои може да слушне и аудио снимка од разговори во еден патнички автобус со затапеност на звукот поради неизбежното слушање на моторот на автобусот.

На платното пред Куршумли Ан беа поставени стрипови на голем број независни уметници кои несебично преку цртежи и зборови изразуваат приказни инспирирани од запомнетите секојдневни случки.